Талибанците во петокот тврдеа дека сега контролираат 85% од територијата на Авганистан по серијата победи на теренот и додека американските трупи го привршуваат повлекувањето. Ова беше објавено на прес-конференција на крајот од посетата на високата талибанска делегација на Москва оваа недела – патување што требаше да понуди гаранции дека брзите успеси на бунтовниците во Авганистан не се закана за Русија или за нејзините сојузници во Централна Азија.
Тврдењето, кое е невозможно да се провери, е значително поамбициозно од претходните изјави на талибанците дека над една третина од 421 округ и окружен центар во земјата се во нивна контрола.
По последното тврдење немаше одговор од владата во Кабул, пренесува АП. Во почетокот на оваа недела, напредувањето на талибанците принуди стотици авганистански војници да побегнат преку границата со Таџикистан, во кој се наоѓа руска воена база.
Таџикистан, за возврат, повика 20.000 воени резервисти за да ја зајакнат јужната граница со Авганистан. Руските официјални лица изразија загриженост дека талибанскиот бран може да ги дестабилизира бившосоветските нации од Централна Азија северно од Авганистан.
Од средината на април, кога претседателот Бајден објави крај на „вечната војна“ во Авганистан, талибанците напредуваат низ целата земја. Тие неодамна зазедоа десетици области, преземајќи ја контролата, честопати без борба. Во текот на изминатата недела тие ги зазедоа граничните премини со Таџикистан, Узбекистан и во четвртокот со Иран. Сепак, на московскиот прес, талибанците ветија дека нема да ги напаѓаат провинциските метрополи и дека нема да ги заземаат насилно и изразија надеж за „политичко решение“ со Кабул.






