Секоја минута по 11 луѓе умираат од глад и неухранетост во светот, објави организацијата Оксфам. Војната и конфликтите се првенствени причини за гладот, но коронавирусот и сѐ поголемата климатска криза придонесоа во постојната ситуација со недостиг од храна.
Шест пати повеќе луѓе се гладни отколку минатата година во ова време, според извештајот „Вирусот на гладот се множи“, објавен во петокот.
Оксфам соопшти дека во изминатата година повеќе луѓе умреле од глад отколку од ковид-19. За споредба, од последици на заразата со коронавирусот за една минута умираат седум лица.
Претседателката на Оксфам, Аби Максман, рече дека статистиката е застрашувачка и дека мора да се земе предвид дека станува збор за луѓе што страдаат. И еден човек што умира од глад е премногу, порача таа.
Генерално, 155 милиони луѓе низ целиот свет сега живеат во кризни нивоа на неизвесна храна или уште полошо, рече Оксфам, додавајќи дека сега се гладни 20 милиони повеќе луѓе од минатата година.
Оксфам ги именуваше земјите разорени од војна, како Авганистан, Етиопија, Јужен Судан, Сирија и Јемен, меѓу најлошите жаришта на глад во светот.
„Гладувањето продолжува да се користи како воено оружје, лишувајќи ги цивилите од храна и вода и спречувајќи ја хуманитарната помош“, рече Максман. „Луѓето не можат да живеат безбедно или да најдат храна кога нивните пазари се бомбардираат и се уништуваат посевите и добитокот“.
Во секој случај, најпогодени се ранливите групи, како што се жените, раселените лица и неформалните работници, рече Максман.
„Маргинализираните групи се најтешко погодени од конфликтите и гладот. Жените и девојчињата пречесто јадат последни и најмалку. Тие се соочуваат со невозможни одлуки, како на пример дали да отидат до пазарот и да ризикуваат да бидат нападнати, или да останат дома и да гледаат како нивните семејства гладуваат“, рече таа.
Бранот на смртни случаи поврзани со глад се случи во година во која воените трошоци во светот се зголемија за 51 милијарда долари – доволно за да се покрие шест и пол пати повеќе од она што им треба на Обединетите нации за да го искоренат гладот во светот.
Во меѓувреме, богатството на 10-те најбогати луѓе во светот минатата година се зголеми за 413 милијарди долари – 11 пати повеќе од проценетата цена на ООН за глобална хуманитарна помош.
„Владите мора да спречат конфликтите да продолжат да разгоруваат катастрофален глад и наместо тоа да се погрижат хуманитарните агенции да стигнат до оние што имаат потреба“, рече Максман, повикувајќи на мултилатерална поддршка од политичарите.
„Потребни ни се САД да преземат водечка улога во ставањето крај на оваа криза со глад, да притиснат да им се стави крај на конфликтите што ја предизвикуваат оваа катастрофа, обезбедувајќи витално финансирање за да спасат животи сега и да им помогнат на заедниците да градат безбедна иднина“.






