Ден пред 26-годишнината од злосторството во кое припадници на војската и полицијата на босанските Срби убиле осум илјади Бошњаци, Додик во интервју за новинската агенција Срна кажа дека во меморијалниот комплекс во Поточари всушност не се закопуваат посмртни остатоци туку се носат ковчези на кои само има имиња.
„Има податоци дека ковчезите се празни, дека во нив нема посмртни остатоци, туку само се ставаат имиња“, кажа Додик.
Во Поточари досега се закопани остатоци на 6.652 жртви од Сребреница чии тела се ексхумирани од масовни гробници. Додик кажа дека е невозможно да се докаже дека во Сребреница е извршен геноцид „имајќи предвид дека не постои локален геноцид“.
Квалификацијата на сребреничкото злосторство како геноцид го опиша како „измислица на Американец од муслиманска вероисповед, професор, кој во Конгресот на САД своевремено барал поддршка за тоа терминот геноцид да се ревитализира и да се воспостави третман на таканаречени локални геноциди, што не постои“.
„Таа платформа во Конгресот беше основа за пресудувањето во Хашкиот трибунал и сега тоа сите се обидуваат да го протуркаат. Тоа е своевидно понижување на холокаустот и геноцидот кој Евреите го доживеале во Втората светска војна, а да не зборуваме за геноцидот над Србите“, порача Додик.
Фактот што Западот инсистира дека злосторството во Сребреница е геноцид за Додик не е ништо друго освен „инсистирање на стереотипите и манипулациите“ за што ја обвини „омразата кон Србите вградена во германскиот код“.






