сабота, 29 јуни 2024

„(Пре)врски“, прва книга на новинарката Слаѓана Васовиќ – нарцизмот не е нормален

Нарцизмот може да биде нормализиран, но не е нормален. Секаде каде што ќе забележите фаворизирање на изгледот над суштината, конкуренцијата над соработката, доминацијата над емпатијата, мириса на негово институционализирање заради зацврстување на моќта. Ова е кус извадок од „(Пре)врски” – препознавање нарцисоидна злоупотреба, првата книга на новинарката Слаѓана Васовиќ што утре ќе излезе од печат.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Зарем не може да го препознаеме секаде каде што постои воздигнување на една група во однос на друга или на едни поединци над други?! Привилегираност во јавната сфера, манипулирање, лажење, но исто така и геслајтинг што го забележувам во обидите реалноста да ви биде поинаку протолкувана, а која вистински поинаку ја чувствувате на својата кожа. Сето тоа и не е толку безопасно, напротив, тоа во крајна линија создава нееднаквост во приходите, сегрегација, подредување одредени групи и индивидуи во однос на други, нарушување или дури и одземање на многу права, некои од нив и фундаментални“, продолжува извадокот од книгата.

Новинарката Васовиќ вели дека книгата е за препознавање на нарцисоидната злоупотреба или за закоја жртва на нарцистичката злоупотреба која е во потрага по дефинирање на својот проблем. Во неа преку лични и вистински примери е доловена манипулативната игра на нарцисот, но јасно е посочено и влијанието на културата и општеството врз создавањето и поддржувањето на овој тип насилство.

„Нарцисоидната злоупотреба веќе ја нарекуваат „здравствена криза на денешницата”. Го загрозува здравјето, квалитетот на живот но за жал понекогаш и животот. Оттука, ме копкаше да ја истражувам, ме копкаше да ја дешифрирам (барем малку) и ме копкаше да им се понудам како мала поддршка на сите оние чии животи се заглавени во вакви односи, во кој и да е контекст. Своите приказни со мене ги споделија и повеќемина прекрасни личности, кои се разбира ќе останат анонимни“, истакнува Васовиќ за МИА во пресрет на излегувањето на нејзиното првенче.

Според доцент д-р Ана Чучкова, психолог, која ја напиша рецензијата, нарцизмот низ годините е усвоен за начин на однесување и не е казнив со закон. Жртвите најчесто имаат преголемо чувство на вина и сметаат дека тие се виновни за се што им се случува.

-„(Пре)врски” јасно го дефинира емотивното насилство во кое не се гледаат модринки и рани на телото, а душата крвари. Жртвите меѓу редовите на оваа книга ќе успеат да препознаат свои однесувања, доживувања и размислувања што помага да осознаат дека не „измислуваат“, туку напротив, дека доживуваат реално насилство. Книгата ќе им даде и поддршка ако постојано се во позиција да објаснуваат и докажуваат низ што се минуваат, да излезат од тој круг и да не се чувствуваат осамено во борбата против нарцизмот, наведува Чучкова.

Корицата на „(Пре)врски” ја илустрираше Марко Трпески, а, како што вели Васовиќ, наскоро ќе биде закажана и промоцијата на книгата.

Слаѓана Васовиќ е долгогодишна новинарка и магистар во областа на политичките науки. Работела во повеќе, претежно електронски медиуми, а со години наназад е посветена на духовниот развој и тоа ја води на едукации за техники за личен развој, за што денес е воедно и едукатор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ