недела, 21 јули 2024

НАСА го одбра Спејсекс за уништување на Меѓународната вселенска станица

НАСА соопшти дека ја одбрала компанијата Спејсекс за изградба на вселенско летало кое ја превезе Меѓународната вселенска станица (МВС) назад во Земјината атмосфера до нејзиното последно почивалиште во Тихи Океан. МВС треба да престане со работа во 2030 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Компанијата на Илон Маск со ова добива договор со потенцијална вредност од 843 милиони долари за развој на вселенското летало Ју-ес диорбит виекл. „Ова ќе им помогне на НАСА и нејзините меѓународните партнери да обезбедат безбеден и одговорен превоз на МВС до ниската Земјина орбита“, кажа Кен Боуерсокс од НАСА.

НАСА по изградбата на вселенското летало од страна на Спејсекс планира да ја преземе сопственоста и да ги контролира операциите на мисијата. Меѓународната вселенска станица со тежина од 430.000 килограми е најголемиот објект некогаш изграден во вселената.

НАСА проценува, врз основа на претходните искуства со вселенските станици како Скајлаб и Мир, дека МВС ќе се распадне во три фази. Прво ќе се одвојат масивните соларни панели и уредите кои ја ладат орбиталната лабораторија, потоа од носачот ќе се одвојат поединечните модули. На крајот ќе се распадне решетката на станицата како и самите модули.

Иако дел од станицата целосно ќе се распадне при влегувањето во атмосферата, најголемите делови ќе останат. НАСА затоа планира тие да завршат во делот од Тихи Океан наречен Точка Немо, едно од најоддалечените места во светот. Точката Немо е позната како гробишта на сателити и вселенски летала.

Првиот дел од МВС е лансиран во 1998, а од 2001 на станицата престојуваат астронаути и космонаути. Шефот на НАСА Бил Нелсон во април во американскиот Конгрес кажа дека поради лошата состојба на американско-руските односи би било умно да се почне со работа на американско летало за спуштање на МВС во Тихи Океан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ