сабота, 9 ноември 2024

Пројковски : На македонскиот театар му се потребни инвестиции

 

Објавено на

часот

Сподели

Пројковски се труди да создава театар со отворени очи, со отворено срце, со отворен ум и е храбар во тоа што го работи. Актерите посакуваат да работат со него на сцена, бидејќи претставите му се динамични, го покажуваат сиот свој раскошен талент, емоциите, а претставите завршуваат со долги, неколкуминутни аплаузи.

На повик на уметничкиот директор на Народниот театар Штип (НТШ), Пеце Ристевски изминатите месеци беше во Штип и работеше на претставата „Пијани-Литургија zero“ која синоќа ја имаше својата прва премиера. „Вонредна состојба“, „Црнила“, „Бегалка“ и „На дното“ се претстави на кои им даде живот на сцената на Народниот театар Штип.

Во интервјуто, Пројковски вели дека одамна не прави театар со порака, туку дека центар му е човекот. За него, е важно уметноста да биде космополитска, универзална и да е интересна на публиката без разлика дали таа е во Унгарија, Хрватска, Турција или во било која друга земја во светот.

Смета дека на македонскиот театар му се потребни инвестиции и дека треба да се најде вистинскиот систем на функционирање на театарот.

– Мораме да бидеме отворени и да кажеме дека македонскиот театар заостана години, години зад сите случувања, дури и во регионот. Еве, и во Народниот Театар во Штип има недоволен број на технички служби, недоволен број на актерски ансамбл итн. Тоа се проблеми што треба постепено да се решаваат, ако сакаме театарот да биде важен и значен. Ако го имаме ние најважното, а тоа се прекрасните актери, ако имаме театарски израз којшто е препознаен и вреднуван во регионот, мислам дека би требало некако да се обидеме сите заедно да го создадеме и да го најдеме вистинскиот систем на функционирање на театарот, вели Пројковски.

Господине Пројковски по осум години се враќате во Штип. Дали сте задоволни од она што го сработивте со штипските актери за новата премиера „Пијани-Литургија zero“?

– Можам да кажам дека сум презадоволен и многу среќен што добивме многу интересен актерски израз, којшто е многу важен во претставата. Всушност целата претстава е базирана на специфична актерска игра. Голем е предизвикот, скоро два часа на сцената, сите ликови се пијани во различни состојби, фази, меѓутоа тоа е многу голем предизвик и многу тешко кога човек постојано мора да игра во таа состојба. Мислам дека благодарение на таа нивна посветена работа, успеавме да  создадеме еден тотален Театар, којшто мислам дека ќе биде многу интересен за публиката и мислам дека оваа е претстава која ќе комуницира многу со публиката. Се разбира изминатиот период, па и оваа претстава се бореше со малиот буџет, со малите средства. Но, спротивно на тоа се базиравме на она што е центарот и смислата на театарот, а тоа се актерите, актерската игра.

Изминатите години Ве гледавме со проекти, претстави низ Балканот, Унгарија, Турција. Освоивте еден куп награди со тие ансамбли. Зошто во изминатите години Ве имаше почесто на светските театарски сцени?

– Во Македонија, како во сите области, така и во уметноста, никогаш не собравме храброст да се поделиме на добри автори и на просечни, лоши автори, туку постојано се обидуваме да ги направиме поделбите според нашите критериуми и мерки. Јас просто секогаш во животот сум знаел дека единственото знаме под коешто стојам е знамето на театарот и дека таму е целата смисла на нашето постоење како уметници. Така што просто ја добив шансата да работам со големи театри, со големи ансамбли, со исклучителни луѓе кои не се занимаваа како нас изминатите години со баналното. Луѓе кои сакаат да го мераат своето време во број на премиери, во број на одиграни претстави, во број на квалитетно создадени улоги и просто таму единственото важно е човек да има фантазија и да знае како да ги создава своите светови.

Така што изминатите седум-осум години се навистина еден период каде што работев многу претстави во многу земји, што е за мене многу важно, со многу награди и признанија. Но, со многу публика и со многу нови пријатели од секаде во светот на театарот и се разбира со една голема потврда дека сето она што го работиме може да ги минува границите. Во уметноста е многу важно таа да биде космополитска, многу е важно да раскажуваш лични претстави, од свој агол, тие да станат универзални и да им се интересни и во Русија, Унгарија, Хрватска, било каде, просто тоа многу ме радува. Следната година треба да работам во Сеул, во Јужна Кореја, исто ми е интересно  сега како таму да раскажам  една  приказна, којашто ќе најде комуникација со нивната публика, нели како таа публика емотивно да направи врска и да комуницира. Во Сеул ќе работам на „Војна и мир“ од Толстој.

Дали истражувавте за новата претстава, која ќе ја работите во Јужна Кореја?

– Обично кога ќе ги посетам градовите и земјите каде што работам си наоѓам слободно време малку да се движам по пазарите, по маркетите, по храмовите, некако се обидувам лично да го почувтсвувам пулсот на градот на луѓето и мислам дека тоа е многу важно, затоа што некако претставата треба да биде спој на она што јас го носам и на она што тие веќе го имаат. Се надевам дека и таму и било каде, успешно ќе го најде тој резултат, се разбира тука се актерите, кои го носат целиот тој свет, целиот културен-митолошки свет на сопствената земја и тоа всушност е најголемиот предизвик и најголемата радост, кога човек може да биде над јазикот, над бариерите и просто некако создава универзални приказни, коишто всушност се единствената смисла на нашето постоење во уметноста.

По што ги бирате текстовите? Работите на Шексипир, Достоевски, нашите македонски автори. Кој е предизвикот да режирате по одреден текст?

– Две работи ми се важни. Едното е темата и претставата, којашто ми е мене предизвик и којашто ќе биде предизвик за театарот и ансамблот од каде што доаѓа. Второто и можеби поважно од првото по значење тема при изборот е театарот да биде актуелен, да се случува сега и тука, да се обраќа на денешната публика, односно никогаш да не создавам театар којшто ќе биде со затворени очи и уши, за она што се случува. Некако секогаш мора да се наоѓаат темите коишто се важни денес за луѓето и театарот не смее да престане да биде храбар. Тој мора некогаш да ги зборува работите, за коишто другите молчат или да ги отвара темите. Театарот треба да отвара прашања, треба да отвара теми, треба да ги анализира, да ги пресоздава. На крајот на претставата секој гледач ќе си замине со своите одговори, со својата верзија, за тоа која е пораката на претставата. Многу е добро кога таа секогаш е различна во зависност од гледачот. Се трудам да создавам театар со отворени очи, со отворено срце, со отворен ум и понекогаш со свесноста дека треба да се биде храбар. Тука не зборувам само за создавање на политички театар, на теми коишто се дел од нашето секојдневно живеење, бидејќи последните години некако единствениот центар на моите претстави е човекот, бидејќи и изминатите години зборувајќи за најразличен контексти, варијанти, членства, унија, асоцијации итн. како сите да заборавивме дека животот го минуваме, дека смислата е главно во секојдневието, а тоа е човекот, како центар на универзумот. Така што работам претстави коишто се занимаваат со човекот.

Треба ли инвестиции во македонските театри? Имаме одлични актери, меѓутоа условите во коишто работат се катастрофални.

– Треба за жал,  мораме да бидеме отворени и да кажеме дека македонскиот театар заостана години, години позади сите случувања, дури и во регионот. Еве, и во Народниот Театар во Штип има недоволен број на технички служби, недоволен број на актерски ансамбл итн. Тоа се проблеми што треба постепено да се решаваат, ако сакаме театарот да биде важен и значен. Ако го имаме ние најважното, а тоа се прекрасните актери, ако имаме театарски израз којшто е препознаен и вреднуван во регионот, мислам дека би требало некако да се обидеме сите заедно да го создадеме и да го најдеме вистинскиот систем на функционирање на театарот.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ