Иницијативата за оваа изложба е на публицистот Ставре Џиков, Македонското грбословно друштво и општинската установа Центар за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш, односно нејзиниот директор Никола Миовски.
Промотор на изложбата беше Ставре Џиков, а свое обраќање имаше и градоначалникот Ацо Ристов. Автори на изложбата се потпретседателот на Македонското грбословно друштво, Иван Нацевски и претседателот д-р Јован Јоновски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија.
Во градската галерија Музеј на љубовта и уметноста во Радовиш на 35 панели беа претставени повеќе од 70 грба поврзани со Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век.
Беа претставени грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија…
За публицистот Ставре Џиков овој настан е активност за поттикнување на културната свест на македонскиот народ. „Секој народ, секој човек, оние што си ги знаат историјата и потеклото имаат химна, грб и знаме“, рече Џиков.
Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, пред присутните одржа предавање за хералдиката.
На настанот се говореше и како настанал хералдичкиот грб на општината Радовиш и што всушност претставуваат неговите знаци. Карактеристично за грбот е што содржи венец од тутун, потоа во внатрешниот дел има специфичен крст со 16 краци, кој го има самиот во црковниот храм „Свети пророк Илија“ во Радовиш и никаде на друго место.