сабота, 16 ноември 2024

Премиерот нема намера да бара разрешување на министерот Спасовски

Премиерот Димитар Ковачевски нема да побара разрешување на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски поради, како што рече тој денеска од собраниската говорница, перформансите на МВР и врвното професионално ниво на министерството и на министерот. 

Објавено на

часот

Сподели

Нема да побарам разрешување на министерот Спасовски поради перформансите на МВР и врвното професионално ниво на Министерството и на министерот, рече премиерот Димитар Ковачевски на собраниска седница за пратенички прашања одговарајќи  му на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки – дали ќе го разреши министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Како што рече, доказ за перформансите и професионалната работа на МВР се справувањето со криминалот, спречување илегална миграција, инвестиции во објекти и опрема во МВР, опремување на припадниците на министерството, обуките, зголемување на примањата на припадниците на Министерството за внатрешни работи.

„Тие се на највисоко ниво. Сите бројки кои се јавно достапни во однос на идентификување криминални дејанија во државата од сите видови, коишто се на многу повисоко ниво од тоа што беа во претходните години, како и во однос на справувањето со различни видови  криминал, што исто така се на многу повиско ниво од минатото, се доказ дека се работи  за министер, и за неговиот тим, коишто работат на врвно професионално ниво“, рече Ковачевски.

По одговорот на неговото прашање, пратеникот Ковачки рече дека премиерот продолжува да го брани институционализираниот криминал кој е под закрила на Оливер Спасовски и Министерството за внатрешни работи и дека престрелките станале секојдневие, посочувајќи на завчерашното пукање во трговскиот центар  Ист гејст мол.

Ковачеки рече дека во земјава владее принцип на неказнивост и секој може да шета со оружје, дека МВР го изгубило капацитетот да се справува со криминалот и полицијата нема авторитет затоа што, како што рече, криминалците имаат авторитет врз министерот за внатрешни работи и се вработува кадар со криминално минато.

„Скоро 20 убиства, само на територија на Скопје, не се расветлени од МВР во мандатот на Спасовски кој на 11 ноември ќе полни цели осум години како министер за внатрешни работи. Повторно, по којзнае кој пат, полицијата не дејствувала превентивно и воопшто не реагирала на објавите односно на најавеното убиство на социјалните медиуми. Исто како и на пријавите на жената од Кочани која цело време пријавувала дека имала закани за убиство и на крајот беше заклана пред својот дом. МВР не реагирало ни тогаш, ни сега“, рече Ковачки. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ