недела, 17 ноември 2024

Мизрахи: Симптоматично е зошто МВР молчело шест години за случајот Онкологија

Собраниската анкетна комисија е таа која ќе го каже последниот збор и нема да дозволам истата да стане парасуд или параобвинителство. Ние бараме политичка одговорност, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, претседател на Анкетната комисија за случајот Онкологија. Таа кажа дека и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бил сослушан и изрази сомнеж што правело МВР во изминатите шест години. А министерот Спасовски пак во вечерашното гостување на Сител информира дека за случајот со Онкологија во моментот се водат финансиски истраги за седум луѓе, но како што рече, тоа не значи дека тие се осомничени.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување на телевизија Алфа, Мизрахи информираше дека се знае точната бројка на лица кои ќе бидат испрашувани од Комисијата или 44 се на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, 27 се на предлог на СДСМ и еден на предлог на Левица. Таа укажа дека следен е поранешниот министер за здравство, Венко Филипче и оти доколку има можности во ист ден ќе биде и актуелниот министер, Фатмир Меџити.

„Треба да се знае дека има добар одзив и дека некои предлози се поклопуваат, ама ќе направиме распоред за наредната недела. Секако еден од повиканите ќе биде и поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев“, кажа Мизрахи.

Мизрахи рече дека биле сослушани поранешниот министер за здравство Беким Сали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за кој рече дека е симптоматично зошто МВР молчело шест години.

„Мојот впечаток е дека Сали даде придонес и кажа зошто беше таква разрешницата со директорот Васев, но потоа беше и Сали разрешен што дава една сенка. Почнал да разрешува неправилности, па и тој бил разрешен. Спасовски пак спомена дека МВР имало интервенција во работата на Клиниката за онкологија, но Спасовски е шест години министер за внатрешни работи. За мене затаила функцијата на полицијата, што правеше МВР до септември 2023 година?. Зошто немало ништо?. Доколку постоел сомнеж МВР требало да ги стопира неправилностите во работата“, рече Мизрахи.

Според неа, работата не е да се оцрнат лекарите, бидејќи како што рече, во здравството има и луѓе кои работат посветено.

„Заклучоците од Анкетната комисија ќе се достават до Собранието и кога ќе се усвојат треба да бидат коректив за понатамошното работење како на Клиниката за онкологија, така и воопшто“, вели Мизрахи.

Мизрахи посочи дека роковите прават притисок да се заврши работата, но и се добри затоа што не треба да се разводнува работата.

А министерот Спасовски пак во вечерашното гостување на Сител информира дека за случајот со Онкологија во моментот се водат финансиски истраги за седум луѓе, но како што рече, тоа не значи дека тие се осомничени.

Запрашан за скандалот на Клиниката за Онкологија, посочи дека бројот на луѓе кои се под финансиска истрага не мора да биде конечен, како и дека не може да открие за кого станува збор.

„Знам дека тоа е тема којашто предизвикува внимание во јавноста, меѓутоа многу е важно до крај да се завршат работите и на основа на сѐ што ќе се обезбеди како доказ, да се именуваат тие кои се виновни во овој случај, да се изведат пред лицето на правдата и секако да се оттргне вината, генерално, од лекарската фела“, истакна Спасовски.

Во однос на материјалите кои што се одземени, тој информира дека сѐ уште се на вештачење.

„Вештачењата треба да ги покажат сите аргументи, сите факти, сите докази во целата таа постапка и на основа на тоа што ќе произлезе од вештачењата, доказите коишто ќе бидат понудени, секако дека ќе биде донесена одлука во Јавното обвинителство“, потенцираше министерот Спасовски.

Тој објасни дека  во интерес на истрагата, засега јавно не може да каже ништо повеќе од тоа што веќе го има кажано пред Анкетната комисија.

„Секогаш е најдобро кога истрагата се води во институциите, а кога ќе дојде момент за соопштување во јавноста, тоа да го направиме. Инаку, апсолутно не е целисходно ние сега да излегуваме во јавноста, да шпекулираме, да нагаѓаме – тоа само ќе му штети на овој процес. Работиме заедно со Јавното обвинителство, интензивно, врз основа на планот што го правиме, тој план може да доживее промени во текот на постапката, а нашата цел е најбрзо можно да се завршат овие постапки и на крај да резултираат со очекувањата“, рече Спасовски.

Мизрахи потенцираше дека во целата оваа работа важна улога имаат и други институции, не само оваа клиника и Министерството за здравство.

„Фондот за здравство исто е многу важен дел генерално во здравството, како и во овој случај, тука е и Агенцијата за лекови, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државната ревизија, која на пример во овој случај ни даде многу информации од типот дека се суспендирани сите контролни механизми“, кажа Мизрахи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ