сабота, 6 јули 2024

Мелони ги осуди фашистичките испади на сопартијците

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги предупреди своите сопартијци дека секој што го велича фашистичкото минато на Италија треба да биде исклучен од партијата Браќа на Италија, чиј лидер е таа.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Мелони го изјави ова откако медиумите минатата недела објавија видео на кое неколку членови на младинската група на партијата ја креваат десната рака во фашистички поздрав, пренесува Ројтерс.

Во вчерашното писмо до раководството на партијата, Мелони истакна дека е лута и тажна што со овој потег е нарушен угледот на партијата.

„Во нашата партија нема место за расизам или антисемитизам, како што никогаш немаше место за оние кои носталгично гледаат на тоталитарните режими од минатиот век. Нашата задача е премногу важна за да дозволиме да биде уништена од оние кои не ја разбираат големината на оваа задача“, изјави таа.

Партијата Браќа на Италија го следи своето потекло во неофашистичката група што се појави по Втората светска војна, но Мелони се обидува да се дистанцира од ултрадесничарите и вели дека нејзината партија е класично конзервативна.

Италијанската опозиција, по објавувањето на видеото од интернет порталот Фанпејџ, објави дека владејачката партија е засолниште за екстремните десничари и дека се лажни заложбите на премиерката да се претстави како умерен политичар и во Италија и во светот.

Премиерката која минатата недела ги осуди методите на весникот Фанпејџ, порача дека нејзината партија мора да биде транспарентна и доследна.

„Секој што верува дека јавниот имиџ на членовите на нашата партија не соодветствува со тоа какви се приватно, едноставно не разбира какви сме ние и затоа не е добредојден“, изјави Мелони.

Фанпејџ објави клип, во кој членовите на младината на партијата скандираат „Дуче“ што е референца за италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини. Ја објавија и преписката на некои членови во која стои пораката „Евреите се раса и јас ги презирам“. По објавувањето на овие клипови, двајца членови на подмладокот на партијата поднесоа оставки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ