сабота, 16 ноември 2024
Пратенички прашања

Ковачки: Постојат слики и снимки за злоупотреба на службената позиција на генерал и полковник

Во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи со мои изјави и сите информации кои сум ги имала ги пријавив кај службата задолжена за прибирање на такви информации. Јас не водам истрага и постапки не можам да преземам на своја рака, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во Собранието, во одговор на  прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, за наводни злоупотреби на службени позиции и сексуално вознемирување на офицерки во Армијата.

Објавено на

часот

Сподели

Таа појасни дека не смее министер за одбрана да влијае на истрагата.

Не смее ниту овој ниту кој било друг министер за одбрана да влијае на истрагата. Во Министерството за одбрана, односно во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи. Секогаш кога сум добила какви било информации, кои нема да ги кажувам тука затоа што се доверливи, јас сум ги пријавила до службата. Ниту водам истрага, ниту имам законско право да преземам дел од истрагата која ја води Јавното обвинителство, рече Петровска.

Министерката потенцираше дека никогаш нема со политичко влијание да се обидува да се замеша во истрагите и додека не види докази или не биде известена од надлежните органи, нема да може да презема ништо на своја рака.

Според пратеникот Ковачки, во АРМ има сериозни случаи на злоупотреби на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и од началници во воената безбедност.

Истите високи офицери за возврат им ветувале унапредување, школување на Воената академија и други бенефити. За изнудувањето на сексуални услуги од помладите по чин и функција од страна на нивните претпоставени и високи старешини се дознало случајно, т.е. во текот на истрагата за примање мито, кое го обелоденивме ние од ВМРО-ДПМНЕ, а за кое министерката за одбрана негираше. Постојат слики и снимки со кои се потврдува злоупотребата на службената позиција од страна на генерал и полковник и за истото е информирана министерката за одбрана, потенцираше Ковачки.

На пратеничкото прашање на Гордана Дилјановска-Давкова, вицепремиерот Артан Груби одговори дека ниту еден пенал нема платено државата на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на делниците од Коридорите 8 и 10Д.

Силјанновска-Давкова зборуваше за повиците за вработувања во конзорциумот „Бехтел и Енка“ што ги упатува Груби, со што настапува како менаџер и портпарол на приватна фирма со пари на даночните обврзници.

Се сеќавам во минатото, ако не се лажам во три влади што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, при секоја странска инвестиција, тогашниот премиер, министер за финансии или кој било друг велеше дека се отвораат 1.000 нови работни места и ги повикуваше граѓаните да се вработуваат во тие компании, во индустриските, економските зони. Така беше една цела кампања на целата таа вмровска Влада да се отвараат работни места во приватниот сектор и ги повикуваа граѓаните да се вработуваат. Ништо не е различно со овој проект, кој го финансира државата и кој овозможува над 2.000 работни места за наши граѓани да се вработуваат, рече Груби.

Тој побара и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги повикаат граѓаните да конкурираат на работните места кои ги бара конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопатски делници во земјава.

Во однос на тоа дали се платени пенали кон конзорциумот од страна на државата посочи дека податоците се јавни и ги има во ресорните министерства и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Пратеничката Силјановска-Давкова му возврати на првиот вицепремиер во Владата, Груби дека и тој бил во иста влада со ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи му дека треба да брани општо добро, а не да делува како да е вработен во конзорциумот „Бехтел и Енка“. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ