Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги повика политичките партии навреме да се договорат за терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година се со цел почитување на законските и уставните рокови.
Џафери нема да дозволи Македонија да остане без претседател
„До Нова Година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март“, истакна Џафери на денешната редовна средба со новинарите.
Ако партиите немаат согласност и калкулираат, вели тој, јас тоа нема да го оставам така, нема да дозволам да се излезе надвор од она што е пропишано.
„Должен сум тоа да го направам и да обезбедам дополнително време за да не останеме без претседател“, посочи Џафери.
Претседателски математики- најрано на 14 март најдоцна на 25 април
За да се запази уставниот рок, 12 мај 2024 година да биде инаугурацијата на претседателот, тогаш изборот на новиот шеф на државата најрано треба да се одржи на 14 март што значи дека претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе мора да ги распише изборите на 4 јануари 2024 година затоа што изборот на претседател се врши во последните 60 дена од неговиот мандат. Од распишување на изборите до денот на гласање пак, не може да поминат помалку од 70, но не и повеќе од 90 дена.
Според овие правила и изборните математики, првиот круг од претседателските избори би се одржал најрано на 14 март, а вториот круг најдоцна на 8 мај 2024 година. Ако вториот круг на гласање се одржи на 8 мај тогаш првиот круг би се одржал на 24 април 2024 година со тоа што распишувањето на изборите би требале да биде 27 февруари.
Од овие причини можни се по четири можни датуми за првиот и вториот изборен круг за претседател на државата. Во првиот круг можни датуми за одржување на изборите се 14 или 28 март или 11 или 25 мај 2024 година. Вториот круг пак би се одржал на 28 март, 11 или 25 мај и евентуално на 9 мај 2024 година.
„Ова е критичен датум со оглед на тоа што инаугурацијата на претседателот мора да биде на 12 мај“, вели Џафери.
Редовни парламентарни избори после 5 мај или Собранието ќе треба да се самораспушти
На 4 август 2024 година завршува мандатот на актуелниот пратенички состав. Ова значи дека изборите треба да се одржат 90 дена пред истекот на мандатот или во рок од 60 дена ако Собранието се распушти.
Според изборните математикиредовните парламентарни избори треба да се одржат помеѓу 5 мај и 15 јули за да може новиот парламентарен состав да биде конституиран согласно уставните правила кои предвидуваат дека тоа треба да се случи најдоцна 20 до 21 ден по изборот на пратениците.
„Ако овие избори се одржат пред 5 мај тогаш тие ќе бидат предвремени и во тој случај важат други правила“, вели Џафери.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно побара претседателски и парламентарните избори да бидат заедно и да се одржат на 8 мај 2024 година помеѓу двата најголеми верски празници Велигден и Бајрам.
Власта пак преку министерот за надворешни работи, Бујар Осамни возрати и предложи ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени и тогаш ќе може да го избере кој сака датум за избори.
Во таа смисла претседателот на Собранието на денешната средба со новинарите кажа дека за уставните измени не е ништо сменето.
Тој информираше дека пратеници од Беса и Алтернатива поднеле барање за оглас за член на Државната изборна комисија.
За предложениот нов деловник на Собранието, чиј предлагач е Џафери, утре почнува амандманската расправа. Како што информираше Џафери, поднесени се триесетина амандмани и тоа од пратениците од Левица, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, а дел од амандманите ги подготвиле собраниските служби и ќе ги поднесе тој како предлагач. Се очекува новиот деловник да биде донесен со консензус и најверојатно ќе биде ставен на дневен ред на седницата на 2 ноември. Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот мандат односно тоа првпат ќе биде со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е дека таа седница нема да може да трае повеќе од три дена.
И.О.