Во отвореното писмо до Борел, Богојески пишува дека тој лично како и неговата партија Македонски концептсе исклучително загрижени околу настаните во Европската Унија, а кои се однесуваат на политиката на реформирање и проширување, затоа што, како што вели тој, тоа има дирекно влијание врз песимизмот во Македонија.
Според Богојески, во таа насока придонесуваат и заклучоците од последниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана, „со кои се става знак на равенство помеѓу земјите кои премногу направиле и жртвувале за интеграцијата во ЕУ, како што е мојата Македонија, со земјите кои сѐ уште се извозници на нестабилност и етнички шовинизам во регионот, како Косово“.
„Ставање на Македонија во пакет со Косово, е поголема неправда од таа со која нѐ ставивте во пакет со Албанија и ја спречивте нашата брза интеграција во Унијата, после потпишувањето на Преспанскиот договор. Очекуваме од вас да не го повлекувате „европскиот потпис“ на Преспанскиот договор, под притисок на албанскиот и бугарскиот етнички шовинизам на Балканот“, пишува Богојески.
Како што наведува тој во отвореното писмо, евентуалното одлагање на почеток на преговори со Македонија, е дирекно суспендирање на Преспанскиот договор и тоа значи одлагање на неговата имплементација, што всушност е и главна цел на бугарската дипломатија. Затоа, пишува Богојески тој нуди компромис помеѓу Македонија и ЕУ.
„Компромисот се состои во ваша одлука за брза интеграција на Македонија во ЕУ преку издвојување од т.н. „косовски пакет за интеграција“, а Македонија од своја страна само еднаш ќе го промени својот Устав со цел влез во ЕУ. Тоа ќе отвори јасна перспектива за мојот народ и надеж дека преку целосна поддршка на вашиот процес на реформирање на Унијата и трпеливо работење на темелно реформирање на Македонија, сепак еден ден ќе станеме „асоцијативна членка“ на ЕУ, со оглед на тоа дека повеќе нема да прифаќате „полноправни членки“. ‘Скалестото интегрирање’ е прилика веднаш да отворите можности на заедничкиот европски пазар за македонскиот бизнис и поддршка на нашиот реформски процес од пристапните фондови. Секако и можност македонските граѓани да учествуваат на пазарот на трудот на ЕУ со македонски пасоши, без да има потреба да купуваат алтернативни пасоши на некои од земјите членки на Унијата. Со ова, ќе ги засилите политичките опции во Македонија, кои поддржуваме интеграција во ЕУ, драстично ќе опадне ЕУ песимизмот, а тој македонски оптимизам сериозно ќе придонесе кон решавање на останатите отворени прашања на Балканот, вклучително и косовското“, пишува Богојески.
Тој очекува овој предлог да биде сериозно резгледан за, како што вели Богојески, решение за реален почеток на интегративниот процес, на кој ЕУ се обврзала како гарант на Преспанскиот договор.