недела, 30 јуни 2024

Земјите од ЕУ кои граничат со Русија и Белорусија бараат повеќе пари за заштита на границите

Земјите-членки на ЕУ, Полска, Естонија, Литванија и Летонија го повикуваат блокот да обезбеди поголема поддршка за воена и цивилна заштита на нивните граници со Русија и Белорусија.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, четирите источноевропски земји кои граничат со Белорусија, Русија или и двете напишаа дека „можат да почувствуваат што значи да се биде држава на првата линија на ЕУ“, повеќе од две години по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Истакнувајќи ја „непоколебливата поддршка за Украина“, земјите порачаа: „мораме да трошиме повеќе и да ги координираме одбранбените иницијативи внатре во ЕУ и со НАТО, што останува основа на колективната одбрана, комбинирајќи ги нашите способности за заштита, одвраќање и одбрана на нашиот народ и нашите територии“.

„Ние сме цврсти поддржувачи на воените напори на Украина и инвестираме многу во нашите вооружени сили, одбранбеното производство и заштитата на нашите граници со Русија и Белорусија“, додадоа тие. „Сепак, треба да се направи многу повеќе на покоординиран начин“.

Меѓу другото, тие ги наведоа „инструментализацијата на мигрантите, саботажата, дезинформациите“, како и сајбер нападите како конкретни закани кои доаѓаат од Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, кои се прашања кои на крајот ја засегаат целата ЕУ, се вели во писмото кое го потпишаа полскиот премиер Доналд Туск, премиерката на Естонија Каја Калас, претседателот на Литванија Гитанас Науседа и премиерката на Летонија Евика Силина.

Полска и балтичките земји се меѓу најотворените поддржувачи на Украина по руската инвазија. Нивното барање доаѓа во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ закажан за четврток и петок, на кој треба да се договорат за поделбата на главните должности во Европската Унија по неодамнешните европски избори.

Лидерите на ЕУ се очекува да разговараат и за војната меѓу Израел и Хамас, финансирањето на одбранбената индустрија, економската конкурентност, како и усвојување на стратешка програма за следните пет години.

Во Брисел се очекува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе го потпише договорот за безбедност со ЕУ и ќе ги информира лидерите на ЕУ за ситуацијата на линијата на фронтот во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ