Од Францускиот институт во Скопје соопштија дека се работи само за одложување и посочуваат дека тие ќе го одржат своето ветување и ќе донесат голема и убава улична претстава во Скопје, отворена за најширока публика, во знак на затворање на 50-годишнината од своето постоење.
„Францускиот институт во Скопје ви се заблагодарува на разбирањето и уште отсега ви го најавува настанот којшто, штом се создадат услови, ќе се одржи оваа есен“, соопштија од Институтот.
Претставата најпрвин требаше да се одржи на 28 јуни, но беше преместена за вечерва, поради летот на гостите од Франција, кој бил одложен за денеска заради големото невреме. Сепак, уметниците ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, а причина се задоцнети и откажани летови, кои се должат на невремето што изминатиов период ја зафати Западна Европа.