Припадникот на Жандармеријата беше застрелан денес со самострел во вратот пред амбасадата на Израел во Белград. Тој во самоодбрана возвратил со оган и го совладал напаѓачот, кој починал од добиените рани.
Дачиќ кажа дека се приведени неколку луѓе кои биле во близина на полициски објекти.
„Заедно со безбедносните служби се трудиме да го поврземе целиот тој случај. Не би давал сега дополнителни информации, но како што веќе објавивте, некои сомнежи веќе постојат. Постојат индикации дека станува збор за лица веќе познати на безбедносните служби, а станува збор за вахабистичко движење. Но, повторувам, тоа не се потврдени информации и не сакаме да се мешаме во работата на обвинителството“, кажа Дачиќ.
Зборувајќи за самиот напад, Дачиќ кажа дека напаѓачот неколку пати му приоѓал на припадникот на Жандармеријата и му поставувал прашања. Потоа ја отворил вратата од стражарската куќичка и од кесата која ја носел со себе извадил самострел и го погодил во вратот.
Жандармот веднаш реагирал, го извадил пиштолот и испукал неколку истрели во напаѓачот. По половина час била констатирана смртта на напаѓачот.