Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на денешниот настан, реагираа од ССНМ и ЗНМ.
„На новинарско прашање упатено до премиерот Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ, вицепремиерот Битиќи го напушти пресот, а премиерот Ковачевски истакна дека прашањето било апсолутно некоректно. Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници и Здружението на новинари на Македонија предупредуваат дека овој начин на комуникација, мора да запре затоа што новинарските прашања се професионална задача на репортерите, а одговорите се обврска на избраните функционери кои им ги должат на граѓаните“, пишува во реакцијата на ССНМ и на ЗНМ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски (АВМУ) услуги го осудува, како што наведува во соопштението, некоректниот однос на премиерот Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кон новинарот Матеја Петровски од ТВ Алфа.
„Медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење и известувањето за прашања што се од јавен интерес. Оттаму, не смее да постои начин на комуникација кој е несоодветен и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите“, наведува АВМУ.
АВМУ дополнува дека носителите на јавна функција треба да вложат максимални напори да дадат одговори на сите новинарски прашања кои се од интерес на јавноста и истовремено да покажат почит кон новинарската професија и достоинството на медиумските работници.