Финансиските трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани, согласно владина одлука, се покриени од резерви на државниот Буџет.
„Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со „Ер Србија“, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата“, се вели во соопштението.
Од Владата посочуваат дека на иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, и во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, се изнајде решение на предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот. Со вчерашниот лет, кој беше организиран и платен од Владата, покрај тоа што во Скопје долетаа преостанатите 67 македонски државјани кои побараа помош, со истиот лет, Владата излезе во пресрет и обезбеди трансфер на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.
„Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со нашите државјани, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата на повеќе начини, меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави. Владата внимателно ги следи случувањата во Израел преку Министерството за надворешни работи, кое што е во редовен контакт со македонската Амбасада во Тел Авив“, се вели во информацијата.