недела, 17 ноември 2024
Интервју

Ванковска: Коматозна состојба на светскиот поредок

Форумот „Односите меѓу Кина и Западниот Балкан: предизвици и изгледи“, што се одржа на 9 октомври во Скопје беше првата јавна активност на новиот Центар за глобални промени при Филозофскиот факултет на УКИМ, чиј раководител е професорката Билјана Ванковска. Во советот на Центарот се и имињата на професорите Ричард Фалк, Џефри Сакс, Радика Десаи, Ричард Саква, Мохамад Маранди, Василис Фускас, Јан Оберг,  Џанг Веивеи… Во море на секојдневни настани за НАТО и интеграцијата во ЕУ како да забораваме дека сме дел на еден поширок свет и дека „сонцето не изгрева на Запад“, вели во разговорот за МКД.мк раководителката на овој истражувачки центар, професорката Билјана Ванковска.

Објавено на

часот

Сподели

– Најнапред, ви благодарам што како медиум се одѕвавте на поканата и пренесовте изводи од настанот. Тоа многу ни значи, бидејќи целта на ваквите дебати не е во тоа ние, научните работници, да си кажеме што знаеме и како размислуваме, туку и да ја анимираме јавноста, особено политичката, експертската, медиумската… Но, како што рековте ова беше прв јавен настан, па ќе се потрудиме во иднина да бидеме подобро организирани и поинтересни. За волја на вистината, подготовките за основањето на Центарот за глобални промени во рамки на Филозофскиот факултет, како еден од истражувачките центри, траеше долго време. Речиси една година од идеја до реализација, што поради неопходноста да се осмисли добро идејата, што поради одредени административни постапки кои мораа да се минат. Дури и интернет страницата ни е сè уште во изработка, но се надеваме дека наскоро ќе бидеме комплетни. Дури тогаш ќе може да се види целата замисла, иновативност, академски капацитети итн. Филозофскиот факултет како што знаете е мини-универзитет, па располага со голем академски потенцијал, но овде беше идејата тој да се стави во функција на интердисциплинарни истражувања и активности кои ќе создадат внатрешна синергија, ама и ќе помогнат да се претставиме подобро пред меѓународната академска јавност. Морам да признаам дека сум воодушевена од леснотијата со која некои од најбрилијантните колеги ширум светот прифатија да бидат членови на Меѓународниот борд. Тие доаѓаат од сите меридијани, со различен академски бекграунд, но со добра волја да соработуваат со нас, иако сме „мал“ и нов центар од мала земја. За нас овде е огромна инспирација што во бордот ги имаме професорите Ричард Фалк, Џефри Сакс, Радика Десаи, Ричард Саква, Мохамад Маранди, Василис Фускас, Јан Оберг,  Џанг Веивеи – да спомнам само некои од нив. Да скратам: зад нашиот прв јавен настан лежат месеци на вложен труд, иако главната работа допрво почнува.   

Зошто оваа тема?

– Чиста случајност и добра желба и соработка со колегите од Албанија! Имено, додека постапката за основање на Центарот сè уште беше во рана фаза, добив покана од Албанскиот институт за изучување на глобализацијата предводен од д-р Марсела Мусабелиу. Темата беше слична на оваа на која организиравме форум во Скопје. Тој беше всушност втор дел од проектот што го реализираа колегите од Тирана. Уште во Тирана сфативме дека можеме и сакаме да соработуваме и дека споделуваме многу заеднички интереси и теми со кои сакаме да ја информираме јавноста во двете земји. Кога дојде предлогот од Тирана за организирање втор настан во Скопје, тоа беше извонредна можност да се приклучиме како коорганизатори и на тој начин дури и да „профитираме“ во смисла на јавна промоција и нешто како работно отворање на Центарот. Што се однесува до самата тема, првиот одговор е: а зошто не Кина? Во море на секојдневни настани за НАТО и интеграцијата во ЕУ како да забораваме дека сме дел на еден поширок свет и дека „сонцето не изгрева на Запад“, да парафразирам една политичка изјава која го тврдеше обратното. Светот се менува во подолг период, но за жал стануваме свесни за тоа само кога ќе дојде до турбуленции и војни (како онаа во Украина, на пример). Сега се наоѓаме во точка на пресврт во смисла на меѓународните односи и меѓународната безбедност. Едностраноста или пристрасноста не ни помага (ни како научници ни како членови на општеството) да го сфатиме светот во сета негова сложеност, но и кризата не само како катастрофа, туку и како можност за промена на подобро. Тематската дебата за односите со Кина, особено од македонска перспектива, се поклопува и со 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето на билатералните дипломатски односи со оваа земја која секогаш ни била пријател, и во најтешките времиња, иако не сакам да се навраќам на т.н. Тајванска авантура, која дури сега можеме да сфатиме колку беше погубна. За среќа, се надмина и сега останува да видиме на кои полиња можеме да соработуваме и учиме од нив. Учесниците имаа ретко содржајни и аргументирани настапи – искрено, одамна не сум уживала во секој миг од дискусијата. Покрај членовите на Центарот, и колегите од Албанија, откривме дека како општество и интелектуална заедница располагаме со извонреден човечки капитал, со луѓе со широки знаења и со желба да ги споделат. Фактот дека мал број медиуми воопшто известија за настанот ќе го надополниме со објавувањето на резимеата на презентациите на учесниците на интернет страницата на Центарот.                                             

Наредната тема ќе биде нешто поврзано со Русија?

– И на ова прашање би ви одговорила: а зошто да не? Дури мислам и дека во Меѓународниот борд е штета што сè уште немаме претставник од руската академска заедница. Нашето сфаќање е дека затворањето во „ехо соби“, во кругови на истомисленици, не само што не помага во развојот на научната мисла и доаѓањето до решенија на конкретните проблеми, туку и одмага. Ако некогаш ни бил потребен чесен, директен и отворен дијалог со сите, вклучително и со тие со кои можеби не се согласуваме целосно, тоа е овој миг кога светот се тетерави на работ на егзистенцијата. Сега кога дипломатијата е мртва и кога не си ја врши основната мисија, можеби академската фела може да отвори канали за комуникација, затоа што сум убедена дека имаме повеќе вредности што ги споделуваме отколку нешта што нè разделуваат. Сепак, конкретно, немаме на агендата план да организираме нешто поврзано со Русија како актер на глобален план, но имаме бројни теми и проекти на кои веќе работиме и воспоставуваме мрежи и конзорциуми т.е. учествуваме како партнери. На пример, станавме дел на меѓународна мрежа која се занимава со градење на глобален систем на еколошка безбедност, друга која се занимава со друг растечки феномен (приватните безбедносни и воени компании – тука Вагнер ни се појавува како хибрид, нов вид на актер, на пример), аплициравме на проект со колеги од Германија за климатските миграции во Западен Балкан низ правна и безбедносна призма. Лично, би сакала идната година да се обидеме да организираме мала конференција ама со големи имиња (од оние што веќе ги наведов како членови на Меѓународниот борд) на која би се запрашале: каков светски поредок ни треба, бидејќи сегашниов е во коматозна состојба (ги видовме сцените од празната сала на Генералното собрание на ОН; немоќта на Советот за безбедност и во контекст на Украина и на Газа, итн.). Накусо, желбата е Македонија да се обиде да се носи академски со глобални, а не само бајати и преџвакани теми. Ако предавам, а предавам Меѓународна безбедност, таа навистина треба да биде меѓународна/глобална. Исто е и со моите колеги кои се занимаваат со меѓународни односи, геополитика, разрешување конфликти, еколошка и енергетска безбедност и слично.                                        

Има ли забранети теми во нашата академска средина?    

– Официјално, нема. Уште не сме стасале до степен на воведување цензура. Но, постојат индикации (или барем, тоа е мојата перцепција) дека инклинацијата кон едни теми (или страни на светот) како попожелни од други е забележителна. За тоа не треба голем напор да се направи анализа и види во која насока се движат работите (дебатите и проектите). Мене лично (мислам како професор на мировни студии) најмногу ме боли фактот што во изминатите 27-28 години минавме пат кој завршува трагично (во академска смисла): во 90-тите, кога наоколу се војуваше, ние бевме првите кои воспоставивме мировни студии (кои прераснаа од специјалистички до докторски). На последните уписи на Филозофскиот факултет не се запиша НИТУ ЕДЕН студент на насоката Мир. Дури ни насоката Одбрана не е популарна (а е единствена во државата, а ние сме членка на НАТО!). Навалата е во Безбедноста (вклучително и приватната). Академија на НАТО е вообичаено да видите, но не и Мировна академија. Се надевам Центарот (чија основна мисија и визија е позитивниот мир, кој е многу повеќе од отсуство на физичко/воено насилство) ќе успее да ги отвори овие хоризонти повторно.           

Колку таа академска средина е контролирана од дневната политика?  

– Ах, тоа е стара болка. Уште малку ќе заминам во пензија, а идеолошко-политичката коректност никако да попушти, барем кога станува збор за кадровските решенија, вработувањата, па и некои политики. Интересно е што универзитетот (не само УКИМ, туку генерално) е еден од најмолчаливите актери во јавниот живот, иако академската заедница е тотално маргинализирана, вклучително и во финансиска смисла. Ќе видите штрајк на наставници или на работници од судската администрација, ама не и на универзитетите, иако нашите услови за работа и примања се на дното (можеби јавноста има поинаква перцепција, но ве уверувам дека ми е срам да кажам колкава ми е платата или колку ќе ми биде пензијата за разлика од некои позиции заземени од полуписмени и получени). Академската заедница преферира да молчи кога во земјата се случуваат драматични настани – еве земете ги последните 5-6 години. Дури и оној Професорски пленум згасна неславно, а најмногу благодарение на фактот дека се намалија критериумите за напредување во работата. Она што можеби не е видливо е внатрешната поларизација, но и таа не е нов феномен: дел од тукушто испилени професори се на водечки позиции на разни државни комисии, комитети, управни одбори… благодарение на блиските политички конекции. Другите одбираат да се држат настрана од актуелните случувања (што, ќе признаете е многу тешко ако сте од областа на општествените и хуманистичките науки).     

д

Кои би биле наредните активности на Центарот? 

– Веќе спомнав некои од плановите, но нивната реализација ќе зависи од многу фактори. Еве, пред неколку дена сум именувана за контакт лице за Македонија за заживување на Хаикоу иницијативата за еко-безбедносен систем за целото човештво, која беше започната во ноември минатата година и која е поддржана од колеги од 125 земји. Вториот конгрес на оваа иницијатива се одржува кон крајот на идниот месец и на него ќе учествувам и со кусо онлајн излагање. Ова е амбициозна но благородна идеја која планетата ја сфаќа во духот на концептот на Гаја, т.е. на она што сиот жив свет (хомо сапиенсот, флората и фауната) го гледа во неговото единство и заемна поврзаност. Тоа е заедничката почва на која можеме да се ангажираме, секој во својата земја, а потоа и меѓународно, за доброто на нашите деца и внуци. Помислете само колку работа и поле за ангажман имаме во Македонија, која е прекриена со депонии, во која ресурсите (земјата и особено водата) се на „распродажба“, во која дивее урбана мафија, дишеме најлош воздух во светот, националните паркови ни се за жалење, изумираат животински видови (или биваат истребувани, како мечките или дивите свињи, без осмислена политика)… Сметам дека е ова платформа на која можеме како академска заедница да се мобилизираме и ангажираме, секој од позицијата на своето научно поле. Работа има за секого.      

Постојано најавувате целосно повлекување од јавниот живот и еве ве пак со новиот центар. Што ве предомислува?

-Ќе се сложите дека ме нема во медиумите (вашата покана ја прифатив во својство на раководител на истражувачки центар), а единствен јавен ангажман ми е понеделничката колумна во „Нова Македонија“ (за кој не сум ни сигурна дека има некаква смисла), ако не ги сметаме Фејсбук постовите (кои медиумите често без прашање ги преземаат). На Центарот гледам како на дел од мојата академска работа: можеби сега во зенитот (или можеби залезот, пред пензионирање) сакам да оставам нешто плус за моите помлади колеги и студенти. Сфаќам дека сето акумулирано искуство од децениите зад мене (тукушто минав низ своевиден јубилеј на 40 години на универзитетот), а особено во меѓународната соработка, треба да се искористи како семе за иден развој. А сето ова се случува во драматичен момент кога светот се менува многу брзо. Обично ја цитирам познатата мисла на Антонио Грамши дека е ова време кога стариот свет умира, а новиот се напрега да се роди. Тој заклучува дека ваквите мигови се време на чудовишта. Сметам дека наша обврска е да не дозволиме чудовиштата да победат, а на идните генерации да им оставиме попросперитетен свет – но, да почнеме од Македонија. Секој од својот двор треба да тргне во поамбициозни агенди.     

                                                                                                                                             А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ