вторник, 21 април 2026

Привремената влада на Хаити побара САД да испратат воени трупи

Објавено на

часот

Сподели

„Дефинитивно ни треба помош и ја побаравме од меѓународните партнери. Веруваме дека нашите партнери можат да ѝ помогнат на нашата полиција во решавањето на моменталната состојба“, рече привремениот премиер Клод Жозеф.

Ненадејното барање воена поддршка многумина ги потсети на превирањата по претходниот атентат врз шефот на државата Хаити, кога во 1915 г. гневната толпа го извади претседателот Вилбрун Гијом Сам од француската амбасада и го претепа до смрт.

Тогашниот претседател на САД, Вудроу Вилсон, испрати маринци на Хаити, а она што ќе се покаже како речиси дведецениска окупација го оправда со спречување анархија.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден засега не дава знаци дека ќе обезбеди воена помош.

Засега се планира само испраќање агенти на ФБИ да помогнат во истрагата на злосторството што го турна веќе сиромашното Хаити во нестабилност среде борбата за моќ меѓу ривалските фракции.

Вчера, група пратеници од Хаити го признаа Жозеф Ламбер, претседател на распуштениот Сенат, за вршител на должноста шеф на државата и на тој начин ѝ се спротивставија на привремената влада.

Тие го признаа за премиер Ариел Анри, кого убиениот претседател го избра да го замени Клод Жозеф ден пред атентатот. Анри сè уште ја нема преземено функцијата ниту формираше влада.

Жозеф изрази зачуденост од фактот дека некои се обидуваат да го искористат атентатот врз претседателот за политичка корист и изјави дека Хаити може да добие нов претседател само преку избори.

Жовенел Моиз беше убиен во средата наутро во неговата куќа од група луѓе што властите на Хаити ги нарекуваат „платеници“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ