вторник, 21 април 2026

Орбан: Имаме среќа што Словенија ја води ЕУ, а Јанша ја води Словенија

Објавено на

часот

Сподели

„Имаме среќа што Словенија претседава со Европската Унија и што нејзината влада е предводена од Јанез Јанша“, рече Виктор Орбан, чија земја го презеде од Полска ротирачкото претседателство со Вишеградската група на државите од Централна Европа.

Премиерите на В4 денеска разговараа за актуелните европски прашања, а исто така се состанаа и со словенечкиот премиер Јанша, чија земја на 1 јули го презеде претседателството со Советот на Европската Унија.

Орбан изјави дека во ЕУ веќе не постои поделба на стари и нови членки, туку дека денес е поделена на оние земји чиј национален долг е висок, кои имаат низок раст и проблеми со неконтролирана миграција, додека од друга страна стабилните земји во Централна Европа ги контролираат овие процеси и имаат прогнози за стабилност, низок долг и висок раст.

„Јанша има тешка и одговорна задача да ги поврзе двете категории држави“, рече Орбан.

Тој додаде дека словенечкиот премиер, поради своето искуство во борбата против комунизмот, има, за разлика од некои западни лидери, поглед кон „историскиот хоризонт“, така што тој е близок со ставовите со лидерите од земјите од Централна и Источна Европа.

Затоа Јанша, кога проценува кои се важни и кои маргинални прашања во ЕУ, се разликува од Европскиот парламент, кој, според Орбан, не се концентрира на вистинските и „реални“ теми и со тоа губи енергија на политички спорови што се спротивни на европската иднина.

Европскиот парламент се занимава со ирелевантни теми и води „џихад против владеењето на правото“, рече Орбан.

Ставовите на земјите од Вишеградската група за закрепнување на Европа по ковид-19, за миграцијата, климатските цели и проширувањето кон Западен Балкан, во голема мера „се совпаѓаат“ со приоритетите на Словенија за време на претседателствувањето со ЕУ, рече Јанша по состанокот со премиерите на В4.

На состанокот присуствуваа премиерите на Унгарија, Чешка, Словачка и Полска – Орбан, Андреј Бабиш, Едуард Хегер и Матеус Моравјецки.

По состанокот, лидерите на Вишеградската група рекоа дека Европската Унија треба да биде загрижена за состојбата со миграцијата кон Европа, што, според нив, може да се очекува од Авганистан, откако американските трупи ќе го напуштат целосно, но и од потсахарска Африка, каде што безбедносната ситуација е исто така тешка.

Јанша и водачите на Вишеградската група гласаа за проширување на Европската Унија на југоисток и за проширување на Шенген-зоната.

Јанша рече дека Словенија е за конкретни чекори во процесот на проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, бидејќи ваквиот стратегиски потег ќе одговори на „многубројните предизвици“ во непосредното европско соседство.

Премиерите на Полска и Чешка изјавија дека не им е јасно зошто Хрватска, Бугарија и Романија, кои „ги исполнуваат сите услови“, не беа примени во Шенген.

Европскиот парламент вчера потврди дека Хрватска ги исполнила сите услови за влез во Шенген-зоната.

Словачкиот премиер Хегер особено ја истакна важноста на вакцинацијата во борбата против четвртиот бран на пандемијата на ковид-19.

Полскиот премиер изрази спротивставување на централизацијата на ЕУ и се залагаше за концепт на Европа составена од суверени и силни независни држави, кои добро соработуваат една со друга.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ