недела, 19 јули 2026

Одмазда за „рускиот Амазон“: Брутален напад врз Киев (ВИДЕО)

Во ноќешниот руски напад со балистички ракети врз Киев и околината загина најмалку едно лице, а 13 се повредени. Според првичните информации, кон главниот град биле истрелани 31 балистичка ракета и осум хиперсонични ракети „циркон“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Првите експлозии во Киев одекнале околу 1:30 часот по локално време, а сирените за воздушна опасност се огласиле низ централна и источна Украина. Нападите траеле до 2:38 часот. Украинските воздухопловни сили сè уште не го потврдија вкупниот број на ракети, но соопштија дека неколку бранови балистички проектили кон Киев започнале во 1:24 часот.

„Ова беше најстрашната ноќ во мојот живот“, изјави за Киев индипендент 30-годишната Елеонора Белеи пред својата оштетена станбена зграда во населбата Лукјанивска, која често е цел на руски напади.

„Оваа населба ја напаѓаат речиси секој месец оваа година, но никогаш не било толку блиску“, додаде таа.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека шестмина од повредените се хоспитализирани, а пет лица биле спасени од оштетените згради.

Мајката на Елеонора, Надија, изјави дека еден маж бил повреден од ударниот бран додека се наоѓал во засолниште, додека екипите на итната помош ги извлекувале настраданите.

„Луѓето едноставно се среќни што се живи“, рече Надија, додека околу неа жителите расчистуваа искршено стакло покрај неколку целосно изгорени автомобили.

Кличко извести за штети во повеќе градски населби. Во населбата Днипровски, паднати остатоци предизвикале пожар во студентски дом, додека во Десњански бил погоден деловен објект, а избувнале пожари на возила и во магацин.

Во населбата Соломјански пожар зафатил покрив на супермаркет и блиска станбена зграда. На друга локација во истата населба, остатоци паднале покрај деветкатница и искршиле прозорци. Кличко потврди дека четири лица биле спасени од запалена петкатница, како и уште едно лице од вториот кат на оштетената зграда.

Во населбата Шевченкивски, остатоци од проектил запалиле трикатно крило на административна зграда. Оштетени се повеќе од десет автомобили, а искршени се и прозорците на соседна станбена зграда. Властите добиле и пријави за погодена станбена зграда во населбата Свјатошински.

Државната служба за вонредни состојби соопшти дека избувнале неколку пожари во магацини и логистички центар во Киевската област, недалеку од Буча. Во самиот Киев, метро-станицата Лукјанивска привремено била затворена поради оштетување на надземниот влез од експлозијата.

Украина во саботата изврши напад со дронови врз магацини на интернет-трговија во Московската и Тамбовската област, при што загинаа осум лица и беа предизвикани големи пожари. Во руските напади врз Украина истиот ден загинаа најмалку пет лица, а речиси 20 беа повредени во југоисточните региони на земјата.

„Како одговор на руските напади врз нашата цивилна инфраструктура, нашите градови и заедници, погодени се два големи логистички објекта во Московската и Тамбовската област“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на платформата Икс.

Тој тврди дека тие центри се користеле за снабдување на Русија со компоненти за производство на дронови и навигациска опрема опфатени со санкции.

Во изминатите месеци Киев ги интензивираше нападите врз руска територија, кои ги нарекува одмазда за повеќе од четири години руско бомбардирање на Украина.

Кампањата, која Киев ја нарекува „санкции со долг дострел“, главно е насочена кон руската нафтена инфраструктура и предизвика недостиг на гориво во земјата, која е еден од најголемите светски производители на нафта.

Повеќе од 370 дронови биле лансирани кон Московската област во текот на ноќта, изјави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. Меѓу 11 и 18 јули, Русија пресретнала речиси 1.892 украински дрона насочени кон Москва, додаде тој.

И покрај војната, илјадници луѓе во саботата трет ден по ред протестираа во големите украински градови против смената на популарниот министер за одбрана Михајло Федоров. Зеленски го разреши Федоров во рамки на ненадејната реконструкција на владата во момент кога Украина зема замав на бојното поле, што предизвика ретки јавни критики.

Протестите се одржаа додека претседателот имаше дводневни состаноци со највисоките воени команданти, што поттикна шпекулации дека можеби бара замена за главниот командант на армијата, Олександр Сирски.

Во текот на помалку од шесте месеци колку што беше на функцијата, Федоров повеќепати влегувал во судир со 60-годишниот Сирски во обидите да ја дигитализира и модернизира армијата, која веќе четири и пол години е во војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ