„И во таа смисла, околу изградба на некоја друга групација, можеби и Србија може да дојде предвид“, рече Бодиш, коментирајќи го фактот дека Орбан го посетил токму Белград во време кога ЕУ остро ја критикува Будимпешта за усвојувањето закон против ЛГБТ-содржини во училиштата и телевизиите.
Бодиш исто така рече дека со усвојувањето на тој закон, Орбан немал намера да предизвика бурни реакции во ЕУ, туку да ја растури опозицијата, која најави заеднички настап на изборите следната година. Имено, дел од здружената опозиција е и поранешната екстремно десничарска партија Јобик, која во меѓувреме се приближи до центарот, но која го поддржа донесувањето на законот.
Сепак, Орбан ги искористи критиките од ЕУ со цел да ја зајакне својата позиција во земјата, посочи Бодиш.
Тој исто така потсети дека владејачката унгарска партија неодамна потпиша заеднички проглас за иднината на ЕУ со неколку европски партии чии позиции и програмски цели може да се сметаат за неофашистички.
„Според најпознатиот унгарски филозоф Миклош Тамаш Гашпар, првпат се обединија фашистичките, односно неофашистичките партии. Меѓу потписниците се и унгарската владејачка партија, полската владејачка партија, две италијански партии на (Матео) Салвини и (Џорџе) Мелони, потоа австриската Слободарска партија и Вокс во Шпанија. Значи, Тамаш Гашпар верува дека за прв пат од 1945 година овие партии го доведуваат во прашање целиот меѓународен систем заснован на антифашизам“, предупреди Бодиш.
Тој исто така рече дека не знае колкава моќ има тоа движење во моментов во Европа, но дека секако укажува каква е визијата на Орбан за иднината на Унгарија и ЕУ.
„Да речеме, околу повлекувањето на Унгарија од ЕУ. На тоа прашање одговорот го даде третиот човек (на Унгарија), кој беше во Белград два дена пред Орбан. Тоа е Ласло Кевер, кој е претседател на парламентот и кој, запрашан дали Унгарија ќе ја напушти Унијата, рече: ‘Не, Унгарија ќе причека да се распадне Унијата’“, потсети Бодиш.
Сепак, посочи дека анкетите на јавното мислење покажуваат дека повеќе од 60 проценти од Унгарците сè уште ја сметаат ЕУ како нешто добро за нивната земја.
„Затоа е малку научна фантастика да се зборува за тоа. Сепак, не треба да се потценува пропагандната машинерија“, предупреди Бодиш, додавајќи дека пропагандата на режимот за загрозеноста на Унгарците и Унгарија може да придонесе евентуалниот референдум за излегување од Унијата да успее.
Бодиш исто така подвлече дека Орбан редовно го следи расположението на јавноста на секоја тема и дека сигурно не би распишал референдум кога би постоела опасност тој да не ја постигне својата цел.






