За резолуцијата гласаа 459 пратеници, а 147 беа против. Во неа се наведува дека законот „јасно го крши“ законодавството на Европската Унија и, пошироко, доведува до „постепено укинување на основните права во Унгарија“, пренесува Политико.
Доколку Унгарија почне да го спроведува законот, Европската Унија треба да ѝ ги укине средствата наменети за неа од Фондот за заздравување од пандемијата, се наведува во резолуцијата.
Тоа би било нова основа за ускратување пари на Унгарија, бидејќи Европската комисија веќе објави дека, засега, привремено, ќе го повлече одобрението за планот на Будимпешта да повлече 2,7 милијарди евра од Фондот за обновување, а причината е несоодветно спречување на корупцијата.
Резолуцијата усвоена од Европскиот парламент не е обврзувачка и нејзината цел е да изврши дополнителен притисок врз Европската комисија и Европскиот совет да одговорат со правни средства на законот, кој е едногласно осуден во меѓународната заедница.






