петок, 28 јуни 2024
Александар Дамовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Стани, Оливере Спасовски, да те види цела сала!

Зошто Спасовски три години на Македонецот/граѓанин на Република Северна Македонија му продаваше стари документи знаејќи дека наскоро ќе треба да ги смени? Зошто го убедуваше дека предвреме нема да треба да менува ништо и дека денар нема да му земе од џеб, а потоа дупло му ги поскапе сите документи?
Фото: Роберт Атанасовски

Пет години имаше македонската влада за да организира нормално човечко менување на документите. Да донесе закони, да испланира и да спроведе еден бирократски потфат што самите го измислија.

Прво почнаа со „како што се отвораат поглавјата од преговорите со ЕУ, така ќе си се менуваат документите кога природно ќе истечат“, па продолжија да ни продаваат стари документи за да ги дотрошат обрасците. Ни „п“ од поглавје не се отвори, а ние стигнавме до забрани за сите што веќе лани се обиделе да закажат купување нов документ, па добиле термин во јули-август 2024.

Уште во јуни 2021 е донесен Законот за измена на Законот за безбедност на сообраќајот, во кој пишува дека од овој 12 февруари документите нема да важат.

Три години Владата, МВР, Спасовски си „свиркаа“ за ова и предизвикаа невиден хаос. Го докомплицираа нашиот и онака од сите нив искомплициран живот.

Оливер Спасовски седум години беше министер за внатрешни работи. Освен трескавичното чистење од коли на улиците по кои поминува тој кога оди на работа, седум години никому во таа влада не му текна дека треба да се организира процесот со документите, пасоши, лични карти, возачки, сообраќајни, налепници и уште триста работи што допрва ќе излезат. Да се купат нови обрасци и веќе да не се продаваат старите. Да се организира систем за лесно купување нови документи. Да се спречат гужви и паники (на некои луѓе животот им зависи од тие документи). Да се спречи и онака сиромашните граѓани да плаќаат дупло за нешто што не го барале ниту го посакувале. Имаа и повеќе од доволно време и премногу вработени за лесно и релативно достоинствено да ја остварат оваа цел.

Вчера ни велат дека од утре дека ако направиме сообраќајка нема да ни важи осигурувањето поради старата возачка дозвола. Со личните карти нема да можеме да се легитимираме или дека сепак можеби ќе можеме. Дека со пасошите нема да можеме да поминуваме граници. Дека милозливо ќе нѐ пуштаат низ Балканот со стари лични карти, но не ни гарантираат дека Балканот ќе нѐ пушта. Дека мора да вадиме нова сообраќајна и „стручно лице“ (со факултет за лепење?) да ни лепи налепници NMK. Тргнаа со став дека треба да се менуваат само новите таблици на кои има МКД-кратенка, па се пишманија и кажаа дека треба да се менуваат сите. А таблици ем нема, ем ги поскапеа. Кога се побуни јавноста, им текна дека може и со налепници. Нормално – немаа ни налепници.

Фото: социјални мрежи

Секое возило еднаш годишно, според законот, мора да оди на технички преглед, а тоа значи комуникација на секој граѓанин со службите на МВР. Никој, НИКОЈ за овие три години ниту еднаш не ни кажа да ги смениме и возачката и сообраќајната затоа што рокот на важноста истекува на 13 февруари за сите (всушност, проблемот главно е само за Македонецот/граѓанин на Република Северна Македонија – тие со двојни државјанства немаат гајле).

Спасовски треба да одговара за хаосов што го создаде. Јавно да објасни зошто нема обрасци за пасоши? Зошто не ги нарачал? И зошто има обрасци само за брза постапка, која чини 6.400 денари? Да објасни како да се дојде до термин за нов пасош? Да каже зошто никој таму не крева телефон? Зошто ги намалија термините за закажување? Како да се закаже термин на сајтот на МВР – постапка што и претходно беше ужас – седумка на лото беше да погодиш кој ден има слободен термин. Сега е сосема нефункционална.

Да каже зошто веќе не важи документ издаден од оваа држава пред две-три години. Зошто овие три години ни продавал стари документи со Република Македонија знаејќи дека сите наскоро ќе треба да ги смениме? Да каже дали ќе им ги врати парите на граѓаните, коишто имаат легитимни документи издадени од државата и не по своја вина се принудени да ги сменат. Зошто не го направи процесот бесплатен? Зошто дупло ги поскапе сите документи?

Да нѐ потсети на неговата „решителност“ и „бескомпромисност“ во „борбата со криминалот“, со неспособноста, со непрофесионализмот, со аматеризмот…

И каде се деновиве Зоран Заев и Никола Димитров, изворите на целиот овој хаос?

Ова е садистичко изживување со сопствените граѓани, со жилавиот македонски народ, пирејот.

ЕУ? Евроинтеграции? Европски фронт? Ние не сме ни за пред семкара.

 

ПС. Се гледаме повторно со истиве проблеми за 10 години, кога во исто време ќе истече важноста на над 1 милион пасоши.

Александар Дамовски

КОЛУМНИ

Вештачка глупавост

Весна Мојсова-Чепишевска

Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето...

Димитар Љоровски Вамваковски

За Сиригос и Хатзивасилиу Договорот од Преспа е договор за концепти,...

Ристо Цицонков

„Климатска бирократија“

Андреј Дамески

ВИ под лупа: дигиталниот екосистем, ЕУ и Македонија

Весна Попоска

Кoj ќе го наследи Ебрахим Раиси?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ