недела, 21 јули 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

„Климатска бирократија“

Колку што јас се сеќавам, во минатото вакви големи горештини во месец јуни немало, тие се јавуваа во јули и август. Денес читам вести во кои се вели дека температурата во Македонија ќе достигне 40 Целзиусови степени. Во делови од градот Скопје со асфалт, бетон и згради ќе биде над 40 степени. Причина за ова се климатските промени кои создаваат и топлински бранови со големи последици на здравјето на луѓето, но и воопшто на живиот свет на планетата.

Светската метеоролошка организација (WMO) официјално потврди дека 2023 година е најтоплата година досега. Годишната просечна глобална температура во 2023 година била 1,45 степени над прединдустриските нивоа (пред 1850 година). А според досегашните мерења се очекува 2024 година да биде уште потопла.

Границата од 1,5 Целзиусови степени поставена со Парискиот договор за климатски промени, која не треба да се премине до 2100 година, речиси е достигната сега. А според прогнозите на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) преминувањето на границата од 2 степени ќе предизвика катастрофи со неповратни последици на животот на Земјата.

Се поставува најбитното прашање на денешницата, како може да се спречат климатските промени и уништувањето на животот на планетава? Мојот одговор е: не може да се спречат во денешниот воспоставен економски систем, вклучувајќи ги политичките и социјални односи. Не може!

Најголемиот дел од светот живее во капиталистичко општествено уредување засновано на пазарна економија, а главната цел е зголемување на профитот. За тоа е потребен постојан економски раст, што значи и раст на потрошувачката на енергија. Повисокиот профит води до повисок животен стандард, при што луѓето трошат уште повеќе енергија. Меѓутоа, големото производство и потрошувачка на енергија се главните фактори за глобалното затоплување на Земјата, односно климатските промени. Значи, во основа постои контрадикција помеѓу капитализмот и животната средина. Може ли да се најде некаков компромис? Ова прашање бара длабока анализа бидејќи општественото и економското уредување не се менува така лесно; никој не сака да се откаже од своите стекнати привилегирани статуси и од удобниот живот.

Заради загрижувачки размери на последиците од климатските промени во 1988 година воспоставено е меѓународно тело за климатски промени (IPCC), а во 1992 е донесена Рамковна конвенција на Обединатите нации за климатски промени (UNFCCC). Секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. Во тие рамки е донесен т.н. Протокол од Кјото со некои задолжителни мерки за развиените земји и неколку механизми за редукција на емисиите на стакленички гасови. Треба да се истакне и Парискиот договор (2015 г.) со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 2 степени, и настојување тоа да биде под 1,5 степен до 2100 година.

Но ајде да ја погледнеме фактичката состојба. Како што се гледа на дијаграмот на сликата подолу, трендот на зголемување на емисиите на СО2 постојано се зголемува и покрај напорите на меѓународните и националните тела.

Во Бон (Германија) постои секретаријат на Конвенцијата за климатски промени (UNFCCC). Тоа е тело на ОН со 450 вработени службеници со задача да ги подржува глобалните активности во борбата против климатските промени вклучувајќи имплементација на Протоколот од Кјото и Парискиот договор. Покрај годишната конференција за климатски промени (СОР), секретаријатот организира и годишни сесии на таканаречените помошни тела, како и голем број состаноци и работилници во текот на целата година. Еден таков собир (конференција) беше одржан неодамна во Бон од 3 до 13 јуни 2024 година. На кратко, еве ги заклучоците:

– Дефинирање на нова амбициозна колективна квантифицирана цел за финансирање на климата во согласност со потребите на земјите во развој;

– Спроведување на исходот од првиот GST (Global Stocktake), вклучително и во однос на засилено ублажување;

– Забрзување на работата на индикаторите за адаптација;

– Операционализирање и обезбедување соодветна капитализација на новиот фонд за загуби и штети.

Не верувам дека на читателите овие заклучоци им се јасни и практични за преземање на ефикасни мерки и активности. Но тоа е таа, јас би ја нарекол, климатска бирократија која организира и учествува на голем број собири, а резултатот го гледаме од дијаграмот погоре. Веројатно се сеќавате на девојчето Грета Тунберг кое во 2018 година (на возраст од 15 години) јасно и гласно кажа што треба да се прави за да се спречат климатските промени. На многу едноставен начин се обрати на јавноста, а со критики кон оние што се одговорни и кои го управуваат светот.

Спречувањето на климатските промени е комплексна проблематика, но постојат решенија како да се делува. Потребна е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа во општеството: поединци, заедници, компании, институции и влади. Треба да го редефинираме нашиот начин на живот, односот кон животната средина, намалување на потрошувачката на енергија итн. Првите чекори треба да бидат направени кон големите производители и потрошувачи на фосилни горива, а иницијативата треба да ја предводи токму денешната „климатска бирократија“.

На тема климатски промени су пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица: Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

КОЛУМНИ

Шанг-Јин Веи

Дaли обидот за атентат ќе му донесе победа на Трамп?

Ристо Цицонков

Кaков систем за климатизација да се одбере?

Бојана Јовановска

До каде сме со (анти)родовите политики?

Рајко Пеколски

За дупките

Димитар Љоровски Вамваковски

Појавата на македонскиот протонационализам: Патот кон создавање на македонската национална посебност

Бранко Азески

Азески и Мицкоски со директна поддршка за компаниите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ