Премиерот вели дека на средбата се разговарало за европската перспектива на Македонија, како и за состојбите во регионот.
Ковачевски нагласува дека напорите на Владата за продолжување на евроинтеграцискиот процес биле поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување. Било нагласено дека е исклучително важно Македонија да го продолжи европскиот пат и земјата да постигне консензус за стратегиските прашања кои се од интерес на граѓаните.
Премиерот Ковачевски истакнал дека не смее да се пропушти „оваа неповторлива шанса која ја имаме, и треба да го дадеме нашиот глас за Европа“ и потенцирал дека на Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека „гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина“.
Соговорниците се согласиле дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион.
„Пристапувањето и крајно, членството во ЕУ значат економски и општествен развој, социјална правда, врвна демократија, функционално владеење на правото, како и севкупно подобрен животен стандард“, се нагласува во сооптението.
„Премиерот Ковачевски изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Лидерите разговараа и за конкретните придобивки од Берлинскиот процес преку кој ќе се продолжи и со подигнување на нивото на политичка соработка, што за Северна Македонија и регионот претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите“, се додава во соопштението за средбата на премиерот со германскиот канцелар на која присуствувал и вицепремиерот Бојан Маричиќ.