сабота, 16 ноември 2024
Конференција за сајбер/ИТК безбедност

Претседавачот Османи предлага ОБСЕ да воведе Специјален претставник за новите технологии

Сајбер безбедноста не претставува само грижа за техничките системи и нивна заштита од напади, туку и грижа за луѓето како потенцијални цели на тие напади, но истовремено и клучна алка во системот на сајбер безбедноста. Таа е составен дел на сеопфатниот концепт за безбедност на ОБСЕ и токму затоа нашето претседателство ја стави сајбер безбедноста многу високо на агендата, истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање на годишната Конференција на ОБСЕ за сајбер/ИТК безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: градење сајбер безбедност за сите“ што се одржува во Скопје. Османи денеска преку видео врска се обрати и на присутните на настанот во Хаг, Холандија по повод 30-годишнината од воспоставувањето на Висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и поставувањето на Макс ван дер Штул на чело на институцијата. 

Објавено на

часот

Сподели

„Информатичката технологија и нејзината употреба не нè прави помалку луѓе. Ова е причината зошто целосното почитување на човековите права мора да биде услов без кој не се може дури и во оваа сфера, во која доминираат машините и нивната моќ“, рече Османи.

Во текот на 2023 година нашите дискусии на оваа тема, додаде тој, имаат мултисекторски пристап, вклучувајќи ги не само земјите-учеснички на ОБСЕ и партнерите, туку и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество. Во таа насока, посочи Османи, работата на ОБСЕ на сајбер/ИКТ безбедноста треба да се стави во поширок меѓународен контекст, вклучително и во работата на ОН за сајбер безбедност.

Тој потенцира дека заедничкиот пристап во справување со сајбер заканите е уште поважен имајќи предвид дека покрај на терен, руската воена агресија врз Украина се одвива и во сајбер просторот загрозувајќи ја безбедноста на луѓето преку сајбер напади на владини институции, енергетски објекти, комуникациски мрежи, болници. 

Османи истакна дека улогата на земјите-учеснички во ОБСЕ е да го променат наративот дека ниту една земја не е имуна на сајбер напади, а тоа, вели, може да се постигне преку зголемување на соработката и намалување на ризикот од погрешна перцепција, ескалација и конфликт.

„Месецот октомври е посветен на подигање на свеста за сајбер безбедноста. Одржувањето на оваа Конференција во Скопје нè става на глобалната мапа на силни поддржувачи на сајбер безбедноста. Како што нè учи месецот за подигање на сајбер свеста, за таа цел, мора да се здружиме и да ги преземеме неопходните мерки за да останеме безбедни во овој сè повеќе поврзан свет“, рече Османи.

Во поглед на понатамошните цели и со јасно разбирање на значајното влијание на новите технологии, вештачката интелигенција и други, Османи најави дека ќе им препорача на идните претседавачи со ОБСЕ да воведат Специјален претставник за новите технологии.

„ОБСЕ треба да се прилагоди и да ги развие своите способности во согласност со современите предизвици“, порача Османи. 

Османи денеска преку видео врска се обрати и на присутните на настанот во Хаг, Холандија по повод 30-годишнината од воспоставувањето на Висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и поставувањето на Макс ван дер Штул на чело на институцијата. 

Целта на конференцијата, како што соопшти МНР, е осврнување на мандатот на функцијата Висок комесар за национални малцинства во изминатите три децении, но и на идните перспективи на функцијата за зајакнување на социјалната кохезија, човековите и малцинските права, како и безбедносните интереси во актуелниот безбедносен и геополитички контекст.

Во своето обраќање, Османи истакна дека името на Макс ван дер Штул сè уште одекнува во Македонија и граѓаните секогаш ќе го препознаат формирањето на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово како доказ за неговиот личен ангажман и цврста верба во мултиетничката припадност и повеќејазичното образование.

Тој додаде и дека функцијата Висок комесар за национални малцинства продолжува во оваа насока и денес, со единствен мандат фокусиран на тивка, превентивна дипломатија за градење мирни и издржливи општества преку зајакната социјална и меѓуетничка кохезија, за доброто на луѓето.

„Мотото на нашето претседателство е ‘За луѓето се работи’ и навистина се работи за нив. Се работи за тоа да им дадеме безбеден, сигурен и достоинствен живот на луѓето; преку зборови, постапки и договори кои се подготвени токму за таа цел, како што покажа и Високиот комесар за национални малцинства“, порача Османи.

Во овој контекст, тој, се посочува во соопштението на МНР, споменал повеќе успешни примери од работата на Високиот комесар кои сведочат за позитивното влијание на оваа функција врз социјалната кохезија, меѓу кои и Регионалната конференција на ОБСЕ и УНХЦР за спречување на бездржавјанството во ЈИЕ која минатата недела се одржа во Скопје. Според Османи, нема подобар пример за регионална, меѓуорганизациска и мултидисциплинарна работа во корист токму на луѓето кои имаат потреба.

Претседавачот на ОБСЕ упати порака дека Високиот комесар за национални малцинства со текот на времето навистина докажа дека ОБСЕ како целина може да се занимава со сложени прашања и да одговори на современите потреби.

„Затоа јас, и сите ние, вложуваме толку многу во ОБСЕ. И токму како поединци, по примерот на Макс ван дер Штул, можеме да ги водиме институциите напред и да ги исполнуваме нашите мандати со живот, секој ден“, порача министерот и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, пишува во соопштението на МНР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ