недела, 17 ноември 2024

Премиерот вели за уставни измени треба да се остави простор, евроамбасадорот ги очекува што поскоро

Премиерот Димитар Ковачевски е на сличен став со претседателот Стево Пендаровски дека, како што изјави претседателот синоќа дека за уставните измени убавина со сила не бива. Ковачевски порача дека на процесот на уставни измени треба да му се остави простор, затоа што, како што рече тој, ова се одлуки за коишто, за жал, секогаш има некој во политичкиот спектар кој сака да ги искористи за свој личен ќар играќи си со емоциите на граѓаните. А евроамбасадорот во Македонија, Дејви Гир денеска изјави дека се надева дека уставните измени ќе се направат што поскоро за земјата да го искористи моментумoт за проширувањето.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

„Исто како што беше јасно  дека за обезбедување на дворетинско мнозинство за Преспанскиот договор ќе биде тешко. Меѓутоа, што се потврди на крајот? Оние што беа најгласни против договорот, можам да споменам еден пратеник од ВМРО ДПМНЕ којшто, јас не знам што не правеше кога се носеше истиот, но по само три дена тој рече дека договорот е реалност. Никој од ВМРО-ДПМНЕ не вели дека ние не сме земја членка на НАТО и никој не вели дека тоа не било добро“, изјави Ковачевски, по посетата на компанијата Мако маркет.

Тој дополни дека кога се прифаќал францускиот предлог, пред една година се организираа демонстрации на кои како што рече, се палеа слики и се правеа гилотињи.

„Зошто? Затоа што македонскиот народ ќе бил асимилиран, затоа зашто ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, затоа што ќе сме го изгубеле македонскиот идентитет и затоа што немало да почнеме преговори. За денес никој веќе да не зборува за тоа. Зошто? Бидејќи една и пол година после тоа ние сме Македонци, тие што се Албанци се Албанци, тие што се Власи се Власи… никој никому не му зел никаков идентитет. Второ, македонскиот јазик е потврден во преговарачката рамка на преведувачките кабини во Брисел пишува македонски јазик и цело законодавство се преведува на македонски јазик. Потоа, во однос на идентитетот, веќе ги гледате резолуциите на германскиот Буденстаг, ги гледате и резолуциите од САД коишто се однесуваат на нашата култура, на нашиот јазик, на нашиот идентитет итн., што значи дека ние имаме уште поголемо меѓународно етаблирање на македонскиот јазик и култура во европски и во светски рамки благодарение на одлуките коишто сме ги носеле“, рече Ковачевски.

Порача дека на процесот на уставни измени треба да му се остави простор, затоа што, како што рече тој, ова се одлуки за коишто за жал, секогаш има некој во политичкиот спектар кој сака да ги искористи за свој личен ќар играјќи си емоциите на граѓаните, да игра на популизам којшто ќе му донесе личен или партиски бенефит „на некои претпоставени избори“.

„Меѓутоа, тој бенефит може да биде само личен, а политичари коишто се водени исклучиво од личен интерес тие никогаш не можат да направат ништо за својата држава. Ние имавме политичари водени од личен интерес 11 години, државата еден милиметар не мрдна во европските интеграции. Внатрешните односи беа еродирани, односите со сите соседи беа еродирани и немавме никаков исчекор ниту во НАТО, ниту во ЕУ-интеграциите. На економски план стапките на раст беа 2 проценти, значи ништо повеќе од тоа што биле и пред тоа за да денес сме членка на НАТО, безбедни. Вие гледате во соседството што и да се случи нас тоа не нѐ тангира веќе, бидејќи сме земја членка на НАТО“, рече Ковачевски.

А, евроамбасадорот во Македонија, Дејви Гир денеска по посетата на Општина Шуто Оризари, изјави дека се надева дека уставните измени ќе се направат што поскоро за земјата да го искористи моментумoт за проширувањето. Според него, следниот чекор во процесот на евроинтеграцијата на земјата зависи од усвојувањето на уставните измени, меѓутоа тоа е прашање кое е во рацете на самата земја, на Собранието и на оние кои што се засегнати од тоа.

„Тоа е суверена одлука која што треба да се носи, но штом ќе се донесе веќе преминуваме кон следниот чекор што значи дека земјата продолжува да се придвижува напред на патот кон ЕУ и нема други дополнителни одлуки коишто треба да се носат понатаму“, рече Гир на новинарско прашање за процесот на уставни измени кој тапка во место и што ќе се случи доколку на декемврискиот самит на ЕУ на кој се очекува да се донесат големи одлуки за земјите од Западен Балкан, да нема одлука за Македонија. 

Гир воедно посочува на создадениот моментум во однос на забрзување на процесот на проширување како разултат на руската агресија во Украина.

„Живееме во трагични времиња како резултат на руската агресија врз Украина, но токму овие исклучителни моменти го произведоа и исклучителниот нов моментум кој создаде можност земјите да можат рапидно брзо да се движат на нивниот евроинтегративен пат. Јас искрено се надевам дека ќе биде возможно, што поскоро да се усвојат уставните амандмани за да може земјата конечно да се придвижи напред затоа што силно верувам дека местото на оваа земја е во рамките на ЕУ и се разбира истовремено да може оваа земја да ги имплементира сите реформи коишто се потребни на европскиот пат за да може конечно да стане полноправна членка на Унијата“, порача Гир.  

Прашан како го коментира ставот на претседателот Пендаровски дека кога станува збор за уставните измени, тие подобро да се решат во следниот парламентарен состав и што ќе значи тоа за евроинтеграциите, Гир вели не може да коментира изјави на различни политичари, дури и изјава на претседателот на државата.

„Единствено што можам да кажам е дека ние сите искрено се надеваме дека сите овие измени ќе можат да се направат што е можно поскоро за да може оваа земја конечно решително да се движи на нејзиниот евроинтегративен пат“, рече Гир.

Во однос на одржување на редовни претседателски и парламентарни избори заедно во еден ист рок што е барање на опозицискиот блок и што ќе се случи со земјата доколку нема цензус на претседателските избори, Гир подвлкекува дека и ова е прашање кое што во целост ги засега самите политички партии, односно Владата која што одлучува кога ќе одлучи да ги распише самите избори, како и дека самите избори треба да се случат кога сите политички партии ќе одлучат за датумот на самите избори.  

Што се однесува на скрининг процесот евроамбасадорот Гир изразува како што вели, има само пофални зборови.

-Всушност би сакал да го поздравам самиот ангажман и посветената работа од страна на владините претставници. Мислам дека нивната работа досега беше навистина многу добра и како што се приближуваме кон крајот на самиот тој процес мислам дека таа работа е многу позитивна, рече Гир.  

За тоа до каде е работата на оценската мисија за Судскиот совет и кога ќе пристигне извештајот, Гир вели сите се во исчекување, но дека е многу рано да даде каква било оценка за тоа каков ќе биде исходот на нивната посета. Тие имале навистина многу добра посета, многу сеопфатни состаноци со сите чинители тука, на многу транспарентен начин, така што смета тој, тие веќе имаат многу јасна идеја во врска со ситуацијата тука.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ