недела, 17 ноември 2024
Форум во Скопје

„Појас и пат“ – иницијатива за поголема соработка меѓу Западен Балкан и Кина

Во Скопје неодамна, без поголемо присуство на јавноста, се одржа форумот „Односите меѓу Кина и Западниот Балкан: предизвици и изгледи “, во организација на Албанскиот институт за студии за глобализација во соработка со Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет во Скопје. На Форумот присуствуваа 20 учесници од академската заедница, невладиниот сектор, новинари од Македонија и од Албанија, кои се осврнаа на односите меѓу Кина и Западен Балкан, нивните придонеси, како и специфичните аспекти на односите меѓу Кина со овие две балкански земји.

Објавено на

часот

Сподели

Вклучувањето на Кина во Западен Балкан преку иницијативи како што е иницијативата „Појас и пат“ нуди големи потенцијални придобивки за регионот. Западен Балкан има потенцијал да стане важен коридор за поврзување на Европа со Азија. Иницијативата „Појас и пат“ може да помогне во развојот на транспортните и енергетските коридори, правејќи го регионот клучна точка за транспорт на стоки и енергетски ресурси, беше речено на Форумот.

Пренесуваме дел од овие излагања.

Амбасадорот на Кина во Македонија Џанг Зуо потсети дека Кина и Македонија одбележуваат – 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

„Денес нашиот однос со земјите од Западен Балкан е стабилен, долготраен и плоден. Стоиме на нова историска почетна точка и широки развојни изгледи. Кина и земјите од Западен Балкан комуницираат и се координираат под мултилатералните механизми како Механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, градат консензус и активно учествуваат во иницијативата „Појас и пат“. Во оваа нова ера и ново патување, Кина е подготвена да работи со сите земји, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан, за да создаде подобра иднина.

Нашата соработка придонесува за континуиран развој и раст на билатералните и мултилатералните механизми за соработка, имајќи конструктивна улога во регионалниот развој и просперитет“, истакна амбасадорот.

Во својата презентација д-р Марсела Мусабелиу,  директорка на Албанскиот институт за студии за глобализација рече дека истражувањето на можностите и анализата на предизвиците што може да ги донесе оваа соработка е од суштинско значење.
„Како земја во развој, оваа платформа треба да донесе значителни можности за Албанија, бидејќи Кина е голема светска економска сила со значителни инвестициски можности. Креаторите на политиката мора да донесат основани одлуки и да се погрижат соработката со Кина да е заемно корисна“, рече Мусабелиу.

„Земјите од Западен Балкан се на крстопат: дали повеќе да се грижат за нивната национална и регионална безбедност или конечно ќе го видат светот и човештвото како целина? На ист брод сме и во овие турбулентни времиња ни треба свесност за заедничката судбина на еколошки, економски, здравствен или образовен план“, нагласи професорката Билјана Ванковска, раковиодителка на Центарот за глобални промени.

Ванковска истакна дека постои западна реторика која го кочи развојот на економските односи со други големи земји како Кина.

„Не е тајна дека политичките елити на Балканот тешко се способни да ја разберат идејата за државен суверенитет или да водат нечија надворешна политика. Во отсуство на какви било конкретни достигнувања или перспективи за подобар живот на нивните земји, тие ја проповедаат идеологијата на НАТО и ЕУ, иако НАТО де факто војува со Русија, а ЕУ се претвори во политичко и економско крило на НАТО. Целиот наратив на ЕУ-топијата се заснова на премисата за „единство во различноста“ и „економска, социјална и политичка интеграција“ преку соработка. Меѓутоа, кога се споменува иницијативата на БРИКС и се оправдува со слични аргументи, таа се отфрла како нешто неприфатливо. Има слепило. Или можеби лицемерие. Ако различноста и инклузивноста, како и соработката се основните принципи на толку посакуваната ЕУ, тогаш зошто некој би се спротивставил или би го саботирал на таквиот пристап на глобално ниво“, праша Ванковска.ж

Проф.д-р Мишко Џидров, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип“, истакна дека Западен Балкан, поради својата стратешка локација, историски го привлекува интересот од регионалните сили како Турција и Русија, кои имаат добро дефинирани стратегии.

„Сепак, кинеските намери и активности во регионот остануваат нејасни за многумина, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан, ЕУ и САД. Освен Србија, на другите земји од регионот им недостига големина за да бидат значајни во кинеската надворешна политика. Македонија треба што поскоро да започне да ја развива вистинската политика за Кина, да ги одреди нејзините приоритети во однос на билатералната соработка“, рече Џидров во својот говор на овој форум.

Проф. д-р Тони Милески, од Филозофскиот факултет  о Скопје презентираше некои статистички податоци од истражувањето спроведено минатата година.

„И покрај ориентацијата на политиките на Македонија кон евроатлантските интеграции, истражувањето на јавното мислење е од клучно значење за развивање на сеопфатна слика за перспективите за соработка на малите и големите држави во глобални рамки. Пандемијата ковид-19 и војната во Украина се два геополитички менувачи на играта кои дадоа нов контекст на геополитичкиот поредок на светот. Тие генерираат трансформација во регионот на Западен Балкан и промена на регионалната динамика, не само од геополитичките актери заинтересирани за стабилни и сигурни држави на периметарот на сојузите на ЕУ и НАТО, туку и од геополитичките актери кои се стремат да изградат нова сфера на интереси. Променетиот геополитички пејзаж, особено за време на пандемијата ковид-19, го зголеми учеството на Кина во регионот, особено во однос на дистрибуција на медицинска опрема и администрирање на вакцини во ситуации кога механизмите за поддршка на ЕУ првично беа недоволни“, рече Милески.

Проф.д-р Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија зборуваше за перспективите за можна соработка меѓу Македонија и Кина.

„Македонија како мала и отворена економија во развој може да го постигне посакуваниот економски напредок и стабилен надворешен биланс само со политики и мерки за економски раст засновани на стратегија на проширување на извозот. Во спроведувањето на ваквата стратегија, државата и извозната економија имаат комплементарни улоги и одговорности дури. Продлабочувањето на економските врски е императив за секоја земја во транзиција, особено за малите и економски неразвиените економии, и треба да претставува суштинска одредница на реформските процеси. Меѓународната соработка, потребата од продлабочување на меѓународните односи имаат важна улога во развојот на Македонија, и тоа не само од аспект на потребата за одржување на мирот и безбедноста, туку и поради потребата од материјална размена, научни и технички откритија, економската, техничка и друга соработка во рамките на меѓународната заедница. Бидејќи имаме многу голема нерамнотежа помеѓу увозот и извозот со Кина и со новата иницијатива на Кина за промоција на увозот, треба да најдеме начини за извоз на повеќе стоки и услуги во Кина. Така, ќе ги намалиме разликите во нашиот увоз и извоз, а ќе го подобриме и салдото на надворешнaта трговија“, нагласи Симов.

Што се однесува до медиумската перспектива, Марјана Дода, новинарка и аналитичар за балкански прашања, на овој форум истакна дека медиумите треба да направат повеќе за да ја видат реалноста надвор од предрасудите кон кинеските иницијативи.

„Ангажманот на Кина со Западен Балкан отвора многу можности за економска соработка и развој на инфраструктурата. Мора да ја видиме големата слика дека сме важен мост меѓу Азија и Европа, а тоа може да го развиеме во наш заеднички интерес за сегашноста и иднината“, рече Дода.

Диме Ратајкоски, новинар на Македонската телевизија, го истакна фактот дека постои нееднаквост во тоа како секоја земја поединечно ѝ се обраќа на Кина во медиумскиот пејзаж. Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора покажуваат внимателен пристап, додека во Србија и регионот на Република Српска во Босна и Херцеговина, атмосферата и медиумските интеракции со Кина се порелаксирани и побалансирани.

„Вреди да се напомене дека односот кон Кина од страна на македонските медиуми останува површен, главно ограничен на информации на сервисно ниво. Предизвикот за следните години ќе биде да се промовира медиумскиот плурализам, да се поддржат новинарските стандарди и да се осигури дека различните ставови што се појавуваат на интернет се слушаат и почитуваат, придонесувајќи за поживо и подемократско медиумско опкружување во регионот“, рече Ратајкоски.

Оваа конференција, која ги опфаќа главните области на соработка меѓу Кина и Западен Балкан, е втора што се одржа во период од една година, првата се одржа лани во Тирана, а сега во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ