вторник, 24 септември 2024

Петровска: Наместо писма ВМРО-ДПМНЕ да го задолжи Гаши да закаже комисија за Законот за бранители

Изјавите и коментарите на партиите од власта поврзани со предлог законот за бранители по скратена постапка се пораз за демократијата, демант на сите изјави на истите тие политичари кои велеа дека сме свесни за значењето на соживотот, меѓуетничките односни, но и најголем доказ дека некои политичари не ја сфатиле суштината на интеграцијата во Европската унија и не ја сфатиле својата улога во нашето општество, изјави денеска на прес конференција пратеничката на СДСМ и предлагач на овој закон, Славјанка Петровска.

Објавено на

часот

Сподели

Предлог законот има една единствена цел, а тоа е да се допрецизира право кое е веќе утврдено во законите и да се предвидат одредби кои ќе значат правилен и правичен надоместок за жртвите и настанатите последици, појасни Петровска.

„Но, наместо дебата, наместо дисусија за подобрување на текстот на законот, изјавите се сведоа под секое ниво и за жал, партиите на власт наместо да покажат државнички капацитет, покажаа незрело однесување и се впуштија во натпревар за тоа кој ќе го има последниот збор или кој ќе излезе со некој досетлив предлог“, рече Петровска.

Таа упати порака до пратениците од власта, дека предлог законот за бранители не е шаховска игра, не е ниту провокација, ниту обид за дестабилизација туку е одговор на барањето за правда и правичност која не се однесува само на припадиниците на безбедносните сили кои учествувале во војната во 2001 година, туку и на оние кои загинале извршувајќи задачи во интерес и заштита на Македонија.

„Ако денес мене како предлагач ме обвинувате за дестабилизација и скриени намери, тогаш значи ли тоа дека и во ноември 2023 година кога ДПМНЕ го поднесе предлог законот правеше провокација? Дали тогаш нивниот предлог беше предизборен маркетинг и злоупотреба на ова прашање за изборни цели? Не сакам да помислам дека ова е така. Јавноста има право да ја знае вистината, дека предлог-законот кој тогаш беше поднесен како иницијатива од Достоинство беше подготвен во мојот кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов. Но, заради неговата одлука да направи предизборна коалиција со ДПМНЕ, тој предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. И тој предлог-закон СДСМ го поддржа“, потенцираше Петровска.

Таа го повика ВМРО-ДПМНЕ „наместо да уценуваат со писма кои постапката ја враќаат чекор назад, да го задолжат претседателот на Собранието, Африм Гашида го примени Деловникот, исто онака како што тоа го направи за задолжувањето од Унгарија и да ја закаже седницата на собраниската комисија за труд.

„Во спротивно, изјавите на првиот вицепремиер Изет Меџити дека ставот на владејачката коалиција е дека овој закон нема да се донесе ќе биде потврда дека ДПМНЕ во Собранието се само бројка и немаат капацитет да ги реализираат ветувањата. Колеги од власта, ви изгореа сите лаги и лицемерието и немањето капацитет да обезбедите услови овој закон да биде донесен“, рече Петровска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ