„По нападите на Либан, кои однесоа стотици животи, оваа недела повикав на вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН“, напиша новиот француски министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на социјалната мрежа Икс.
И како што војната во Газа се приближува на првата годишнина, се чини дека во понеделникот започна ескалација на блискоисточниот конфликт од кој долго се стравуваше. Либанските власти известија за најмалку 492 загинати, меѓу кои 35 деца и уште 1.645 ранети во израелските напади.
Израел објави дека извршил повеќе од 1.300 напади врз цели во Либан, еден од нив на главниот град Бејрут. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги нарече нападите превентивни и рече дека нивната цел е да се елиминира оружјето на Хезболах.
Спорот што гори меѓу Израел и Хезболах, цврст поддржувач на палестинската милитантна група Хамас, повторно се интензивираше минатата недела откако илјадници комуникациски уреди беа детонирани во Либан, при што загинаа повеќе од 50 луѓе, и пред израелскиот напад врз раководството на Хезболах недалеку од Бејрут.
Но, вчерашните напади претставуваат огромна ескалација и најтешка епизода на конфликтот во Либан од војната во 2006 година.