недела, 17 ноември 2024

Пендаровски тврди дека Кривичниот законик не е изменет за враќање на Груевски во Македонија

Претседателот на државата Стево Пендаровски ја оспорува тезата дека измените во Кривичниот законик се направени за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија. Тој не се изјасни дали ќе се кандидира на претседателските избори за следен мандат. Вели дека ќе чека до крајот на годината.

Објавено на

часот

Сподели

Тој во гостување на Телма рече дека дека медиумите шпекулираат со евентуалното донесување на начелно правно мислење на Врховнот суд кое може да го спаси Груевски од прогон.

„План А, план Б кај мене нема. Јас не сум дел од некаков план. Имаме еден месец закон во сила, потпишан указ. Каде е Груевски? Како е вратен? Каде е скриената амнестија? Медиумите шпекулираат дека Груевски ќе се врати со некое начелно правно мислење на Врховниот суд. Тогаш зошто се измените на Кривичниот законик, ако беше доволно да ги усвоиме па да се врати“, праша Пендаровски.

Шефот на државата тврди дека „во ниедна варијанта“ не би дал амнестија како претходниот претседател Ѓорге Иванов, но потврди дека од врвот на најголемата опозициска партија побарале амнестија за Груевски.

„Да бидам прецизен од врвот на најголемата опозициска партија бидејќи, таму немојте да мислите дека владее идеално единство, има луѓе кои би сакале да бидат калиф наместо калифот. Повеќе не можам да ви кажам“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека нему директно никој не му пристапил, туку дека тоа било направено преку посредници. 

Шефот на државата го негира тврдењето на опозицијата дека имало состанок кај него за амнестија.   

Зборувајќи за измените во Кривичниот законик, Пендаровски рече дека не се точни формулациите во медиумите дека паѓаат или застаруваат побрзо предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство. 

Претседателот на државата на забелешката дека измените на Кривичниот законик беа донесени набрзина и тој веднаш ставил потпис, рече дека не ги знае мотивите на Владата, но, меѓу другото, кажа дека се подготвува нов законик што ќе содржи член во кој ќе се третираат злоупотребите на службената положба. 

Пендаровски се уште не се изјаснува дали ќе се кандидира на претседателските избори за следен мандат. Вели дека ќе чека до крајот на годината. Тоа го објаснува со фактот дека секогаш за претседателски кандидат кај нас застануваат најголемите политички блокови. Според Пендаровски, неговиот рејтинг е стабилен и не е променет. 

„Јас сум петтиот македонски претседател. Ниту еден од нас не станал како сосема независен кандидат. Стипе Месиќ пред 20 години од една минорна политичка партија со статистичка грешка доби. Значи, мора да имаш некаков личен рејтинг и мора да бидеш поддржан од поголемите политички партии бидејќи ни е такво општеството и македонско и албанско.  Во однос на мојот личен рејтинг јас немам никаква дилема, бидејќи ги знам статистиките. Мојот рејтинг во изминативе пет години не е мрднат од тоа што беше 2019, нека не звучи препотентно, меѓутоа од прилика во тие параметри е“, рече Пендаровски. 

На индивидуално ниво, како што вели, има најголема поддршка и во однос на опозициските кандидати и на кандидатите од власта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ