Според Пендаровски, неспорно е дека со кандидатскиот стаус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија, во исклучително тежок период и тоа е добро, но, како што истакна, на Западниот Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
Базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, според Пендаровски, Унијата започнала да наликува на НАТО.
„Ако ЕУ навистина има амбиции да биде геополитички играч мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан“, рече Пендаровски.
Тој потенцираше дека динамиката на проширувањето на ЕУ и проширувањето не смее да зависи од кризи, како и дека актуелните случувања во Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања и невралгичните точки што имаат потенцијал да го дестабилизраат регионот, а преку него и самата Унија.
На конференцијата се предвидени обраќања и на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Конференцијата во Скопје е дел од циклусот настани поврзани со мирот и безбедноста во Западен Балкан одржани во последните две години во соработка на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.