Медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите ќе можат слободно да работат во земјите на Западен Балкан исто како да се дома, откако утре, на Самитот на лидери на Берлинскиот процес во Тирана ќе биде потпишан Договор за признавање на професионалните квалификации како продолжување на Договорот потпишан на минатогодишниот Самит на Берлинскиот процес со кој се признаваат професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по стоматологија и архитектите.
Македонската делегација ќе биде предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
Во рамки на Самитот ќе се одржат работни сесии на кои на највисоко ниво ќе се дискутира на теми поврзани со интегрирањето на регионот во единствениот пазар и подобрување на патот за приближување со ЕУ, како и поддршката на зелената и дигиталната транзиција во земјите од Западен Балкан. Се очекува да се разговара за постигнувањата во рамките на Берлинскиот процес и влијанието на иницијативата врз регионалната соработка, нејзината важност во заокружувањето на европската интеграција, како и билатералните односи.
За време на Самитот, според најавата, предвидено е премиерот Ковачевски да оствари средби со германскиот канцелар Олаф Шолц, со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, како и со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо и со потпретседателката на Светска Банка за Европа и Азија, Антонела Басани.
Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција, Полска и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан.
Во состав на владината делегација ќе биде и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Тој денеска учествува на завршната сесија на Форумот на граѓанското општество, кој годинава се одржува во Тирана, на тема „Отклучување на напредокот: Европска иднина на Западен Балкан“.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ ќе оствари и билатерална средба со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, Михаил Рот.
„Целта на овој форум е да биде клучна платформа за конструктивен дијалог и соработка кои ќе придонесуваат кон унапредување на интересите на Западен Балкан и поттикнување позитивни промени во регионот“, наведува СЕП.