недела, 17 ноември 2024

МАН бара ОЈО да реагира против Ковачевски за говор на омраза, а Битиќи да му се извини на Петровски

Македонската асоцијација на новинари (МАН) бара Јавното обвинителство веднаш да преземе мерки против премиерот Димитар Ковачевски по „скандалозниот одговор на прашање од новинарот на Алфа ТВ Матеја Петровски“, по повеќе основи, меѓу кои прекршување на Уставот, прекршување на Кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Советот на Европа за борба против говор на омраза.

Објавено на

часот

Сподели

Од МАН потсетуваат на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека сосема е некоректно прашањето на новинарот Матеја Петровски од Алфа ТВ кој го праша премиерот дали ако претседателските избори не се одржат на време и претседателот на Собранието, Талат Џафери ја преземе и таа функција, дали тоа ќе значи дека сета власт оди во рацете на ДУИ.

„Денес во нашата држава имаме концепт за европска Македонија, којшто го предводи Владата и СДСМ, што ги третира сите граѓани еднакво според нивната етничка, верска и која било друга припадност. Меѓутоа, имаме појава е еден популизам, којшто во својата основа има етно-национализам и ксенофобија, што за мене е форма на модерен фашизам“, рече премиерот Димитар Ковачевски како одговор на прашањето на Петровски.

Од МАН сметаат дека, со овој одговор, премиерот Ковачевски смета дека новинарот Петровски е фашист, што преставува не само вербален напад со низа клевети и ширење говор на омраза туку и спречување на службено лице во вршење на својата дејност.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) очекува јавното обвинителство по јавно допрен глас, веќе во понеделник да поднесе обвинение против Ковачевски за прекршување на Уставот, ширење говор на омраза и спречување на службено лице во вршење на својата дејност согласно Кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Советот на Европа.

„Ова не е прв пат премиерот Ковачевски со тешки клевети да им одговара на новинарите, да шири говор на омраза и да повикува да бидат санкионирани преку своите јавни настапи. Тој од собраниска говорница побара обвинителството и судот да го санкционираат новинарот и уредник Драган Павловиќ Латас, неговото обезбедување му се закануваше и претходно на новинарот Матеја Петровски дека може да биде приведен зошто му поставува прашање на премиерот. Ковачевски неодамна посочи дека има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси. Ковачевски посочи и дека има медиуми чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација. Ковачевски беше и арогантен со новинарите клеветејќи ги дека доаѓаат од телевизија што може поблиску да се информира за цената на гасот. Ова не е првпат Ковачевски да има лош однос со медиумите. Речиси на секое јавно обраќање наместо конкретно да одговара на прашањата, им поставува контра-прашања на новинарите и прашува од кои медиуми доаѓаат на настанот“, реагираат од МАН.

Оттаму велат дека „безброј пати новинари се спречени да известуваат од настан на кој присуствувал премиерот Ковачевски“, и потсетуваат на примерот со новинарите Љупчо Златев и Предраг Кукиќ.

Освен ова, МАН бара вицепремиерот Фатмир Битиќи да му се извини на новинарот Петровски затоа што откако тој го упати прашањето до премиерот Ковачевски, Битиќи се налути и замина од прес конференцијата по вчерашата посета на двајцата владини функционери на компанијата Мако Маркет.

„Се додека прима државна плата, вицепремиерот е должен да го слуша секое новинарско прашање и доколку се однесува на него – да одговара на секое новинарско прашање. Ако не сака да слуша и одговара, министерот Битиќи слободно може да се откаже од функцијата и од државната плата и да стои настрана. Нема некоректни новинарски прашања, има само носители на јавни функции кои не се подготвени да и одговорат на јавноста она што е во интерес на граѓаните, па прстот постојано го вперуваат во новинарите правејќи од нив дежурни виновници за лошата состојба во која е државата, благодарение токму на истите тие носители на јавни функции. Ваков наратив инициран од премиерот и министерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира, но обид и да се одвратат новинарите да се бават со теми кои се од јавен интерес. Ваквата пракса на непримерна комуникација ја загрозува безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа се поттикнува насилство и цензура во поширок контекст, имајќи ја во предвид содржината на изразот, политичкиот и социјалниот контекст во моментот на изразувањето, намерата на говорникот, улогата и статусот на говорникот во општеството“, реагираат од МАН.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ќе ја извести Светската федерација на новинари за ваквиот „некоректен однос на власта и притисокот кон независните и професионални новинари“. Воедно, правните тимови на МАН веќе оформиле засебни предмети, чија разврска ќе се бараат пред суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ