Основан во 1956 година, како што посочува таа, ИКРОМ е глобален лидер посветен на изучувањето, зачувувањето и реставрацијата на културните добра. При неговата мисија да го заштити културното наследство за сегашните и за идните генерации, ИКРОМ ги обучува и ги зајакнува професионалците, институциите и земјите членки со знаење и експертиза потребни за заштита и зачувување на светското наследство.
Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го јубилејот, истакна дека во 1993 година македонските институции и здруженија се приклучиле на инспиративното патување создавајќи партнерство кое го збогати разбирање за заштитата и ги зајакна врските со меѓународната заедница.
„Во овие 30 години, голем број од нашите стручни лица се стекнаа со знаења и вештини неопходни за заштита и зачувување на нашите културни богатства. Заедничките проекти со УНЕСКО и со неговите советодавни тела сведочат за нашата посветеност во справувањето со современите предизвици во заштитата“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Таа додава дека ИКРОМ ја продолжува својата мисија за заштита на културното наследство во целиот свет, а Македонија ја потврдува непоколеблива посветеност во остварување на целите на Меѓународниот центар.
„Заедно продолжуваме да го штитиме и да го промовираме нашето исклучително културно наследство поттикнувајќи подлабоко разбирање и ценење на нашата богата историја“, потенцира министерката за култура,
Изразувајќи срдечна благодарност до ИКРОМ за трајната поддршка, министерката додаде дека верува оти во следниот период ќе има уште поголеми достигнувања во зачувувањето на културното наследство кое нѐ обединува сите.
„Им го честитаме денот на сите што работат на првите линии на зачувување на наследството, научници, конзерватори, куратори на музеи, менаџери на локации, архивари, истражувачи и археолози, кои се потпираат на ИКРОМ во заштитата на културното наследство“, истакнува Костадиновска-Стојчевска во пишаната изјава до медиумите.