Владата е ревидирана повеќе од 10 пати последните четири години додека јас сум главен државен ревизор. МВР исто така било предмет на ревизија, истакна попладнево главниот државен ревизор Максим Ацевски, пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Ацевски рече дека го прифаќаат барањето, ќе го стават како барање од Собранието, Клиниката за онкологија да биде повторно во годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2024 година.
Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ постави неколку прашања, меѓу нив и „колку внатрешни ревизорски извештаи сте добиле од Фондот за здравствено осигурување по прашањата на набавка, дистрибуција, третман со биолошка терапија од МАЛМЕД, од Државниот здравствен и санитарен инспекторат или информации од Лекарска комора“.
Ацевски одговори дека писмено ќе ги одговарат прашањата и ќе ги достават до пратеничката.
„Беа поставени голем број прашања за коишто ќе треба да ги добиеме од стенограм и ќе подготвиме писмени одговори и ќе ги доставиме до пратеничката. На мноштвото информации во овој момент, во суштина, треба да направиме директен увид, како и во самите документи што се доставени. Но за одредени состојби во суштина не можеме да дадеме одговор. Како на пример, дали новиот правилник за организација и систематизација содржи одредени работни места, дали се распоредени и така натаму, бидејќи информацијата за постапување е добиена на 21 август 2023. Предмет на ревизија на новиот акт за организација и систематизација ќе биде во февруари 2024 година“, рече Ацевски.
Тој кажа и дека мора да направи увид во документот, за да се види кој го потпишал самиот документ.
„Бидејќи јасно и гласно кажуваме во конечниот ревизорски извештај дека во суштина, препораката кој пациент да прими биолошка терапија доаѓа од соодветниот доктор, по одобрување на медицинскиот директор и дека во суштина, не е постапено по одредбите на Закон за здравствена заштита, каде стручниот колегиум одлучува кој пациент треба да биде подлежен на биолошка терапија. Но, кој го потпишал документот за барање за одобрување на условниот буџет и така натаму, треба да направиме увид бидејќи во конкретниот период имаме различни луѓе кои раководат и не би сакал да зборувам нешто за што во овој момент, ја немаме точната информација“, одговори Ацевски.
Пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ, меѓу другото, праша доколку веќе имало индиции уште пред повеќе од 10 години, зошто пред тоа не е направена ревизија, дали никој не побарал или сметале дека нема потреба. Предложи и оваа година да има ревизија на онокологија.
„Одредени забелешки што Државниот завод за ревизија ги има напишано во овој извештај, веќе се коригирани во однос на начинот на одлучување околу доделувањето на терапија, односно повеќе никој го нема ексклузивното право, односно формиран е стручен конзилиум што заеднички одлучува на кој пациент и како ќе му биде дадена терапијата и врз основа на неофицијалните информации, долгот на клиниката е намален за скоро 50 проценти од тој што бил минатата година“, рече Коциќ.
Пратеникот рече оти не може да разбере зошто за акцелераторот што бил набавен во 2016 година немало соодветен простор за сместување и зошто толку време некој не си дозволил да обезбеди простор за инсталирање на овој акцелератор во соодветен простор.
„Срамота и греота е, еден апарат што може и треба да го користат пациентите на кои им е во корист, толку години да стои во некој магацин“, посочи пратеникот.
Сашо Матевски, раководител на ревизорскиот тим што ја вршел ревизијата во клиниката, рече дека согласно податоците што ги имале до моментот на вршење на ревизијата, имало еден увозник на лекови на големо, кој понатаму, за определен лек, ги префрлал правата на различни веледрогерии.
„Што значи ние имаме, повеќе веледрогерии што имаат право да продаваат биолошка терапија на Клиниката за онкологија, но, само за еден лек. Значи за ниту еден лек, до момент на вршење на ревизијата, во постапка за јавна набавка, немавме обезбедено конкуренција. Односно, се одеше со цената што ќе ја понудеа“, рече тој, одговарајќи на пратеничко прашање.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски смета дека „ваква криминална мрежа“ без патронат од министер или некој над него, е невозможно да се случи. Тој праша и зошто КАТО системот бил отстранет и „заменет со тетратки“.
Јаревски изрази сомнеж дека слична или иста ситуација како на Клиниката за онкологија, можеби има во моментов и во Битола и во Тетово и во Штип.
Пратеничката Марија Георгиевска од редовите на СДСМ, кажа дека заедничка е интенцијата на сите во Собранието, да се има одговорност по име и по презиме.
„Во јавноста со години наназад се зборува за неправилности, за некакви пазари, за некакви продажби на цитостатици, за некакви тендери, купувани апарати, неупотребени апарати, зошто не се ставени во употреба, што било причината, немало кадар, имало кадар, колку биле набавени, дали била реална цената, дали била петпати поскапа, петпати поевтина. Како пратеници, да помогнеме овој скандал да добие завршница“, нагласи пратеничката.
Пратеничката Ане Лашкоска потсети дека денеска бил поканет да присуствува и државниот јавен обвинител, меѓутоа добиле одговор дека тој имал итна работа и не може да присуствува во Собранието.
„Ако има поитна работа од човечки живот во државава, тогаш мислам дека тој човек од утре не треба да се појави на своето работно место, односно, утрешниот работен ден сите треба да го започнеме со оставка на Љубомир Јовески. Затоа што крајно време е дојдено да поднесе некаква одговорност“, изјави меѓу другото, Лашкоска.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски, одговарајќи на прашања, информираше дека последните неколку години, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство имаат „многу подобрена соработка и во однос на она што значи, претходниот период, потпишан е меморандум за соработка, каде што утврдени се лица за комуникација и лица за размена на податоци“.
Расправата продолжува утре во 13 часот.