Комисијата на денешната 94 седница утврди дека фирмата Пиксел груп конкурирала на отворен конкурс, ги исполнувала условите и дека договорот за финансиска помош бил потпишан пред Димитар Ковачевски да биде избран за заменик министер за финансии.
Членот на комисијата Шемши Салаи објасни дека заради проверка на наводите изнесени во пријавата, ДКСК обезбедила документација од Фонд за иновации и технолошки развој Скопје, Владата-Комисија за евалуација на барањата за доделување на финансиска поддршка и инвестиции, Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот, Управа за јавни приходи, Историјат на промени и Тековна состојба од Централен регистар, Анкетен лист.
„Според пријавата дека тој немал право да добие помош, тоа не го опфаќа Ковачевски, затоа што договорот бил склучен на 13 август 2020 година, додека тој станал заменик министер на 23 септември 2020 година и на 29 септември по доаѓањето на функцијата заменик министер доставил барање за истапување од сопственоста на фирмата и во целост ја отстапил на неговиот кум“, појасни членот на комисијата Шемши Салаи.
Од обезбедените податоци од Фондот за иновации и технолошки развој Скопје, ДКСК констатирала дека на 13 декември 2019 година Фондот за иновации објавил конкурс за аплицирање по скратена постапка за финансирање на грантови на кој се јавиле 45 апликанти, меѓу кои и Пиксел груп.
„На 10 март 2020 година Комитетот за одобрување на инвестиции, како единствен надлежен орган за донесување на конечна одлука за финансирање, донел позитивна одлука за предлог проектот на Пиксел груп, а според добиените податоци, на овој конкурс им била одобрена финансиска поддршка на вкупно на 29 апликанти. Проектот на Пиксел груп е завршен на 28 февруари 2022 година, а исплатата била извршена во четири наврати, односно исплатата се вршела и кога Ковачевски станал претседател на Владата“, реферираше Салаи.
Во таа смисла тој појасни дека иако Ковачевски станал премиер сепак парите се обезбедени од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, поради што Димитар Ковачевски, како заменик министер за финансии не можел да носи одлуки во врска со исплата на средства спрема Пиксел груп.
„Во врска со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот констатирано е дека на 15 октомври 2019 година Пиксел груп склучила Договор за доделување на финансиска поддршка со Владата, а средствата се исплатени на 31 декември 2020 година, 30 декември 2021 година и на 28 декември 2022 година. Барањето за исплата на средства врз основа на склучениот договор се доставува до Агенцијата, по што се доставува до Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, односно на понатамошна проверка и исплата од страна на Генералниот секретаријат при Владата. Од обезбедената документација се констатира дека договорот е склучен пред Ковачевски да стане заменик министер, а средствата се исплаќале кога бил заменик министер и претседател на Владата, но потписник при исплата е заменикот на премиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи“, констатираше Салаи.