Според него, Интерпарламентарната унија со право заклучила дека „пратениците имаат уникатно поимање за диверзитетот меѓу луѓето и се во подобра позиција да ги артикулираат аспирациите на луѓето и да објаснат што навистина им е важно.”
„И ова е предуслов за работата на Обединетите Нации низ сите земји и нејзиниот клучен принцип да не остави никој зад себе, што го прави Парламентот еден од клучните партнери. Помирувањето и соработката се заедничкиот именител на успехот на трансформацијата на регионот. Тие се фундаменталниот фактор за нашите партнери и за нас како земји на нашиот пат кон членство во Европската Унија и иднината на целиот регион е токму во нив. И оваа конференција е доказ дека ние како регион, продолжуваме да градиме мостови на соработка и приближување помеѓу нашите народи, нашите држави и целиот регион на Европската Унија. Така создаваме доволен простор за развој и напредок на овој дел на континентот, координирајќи се за заеднички проекти започнати во рамките на Берлинскиот процес, одржливите цели на Обединетите нации и политиките на Унијата“, истакна Џафери.
Нагласи дека Македонија работела и дека ќе продолжи да работи во насока на постигнувањето на стратешките цели, односно полноправното членство во ЕУ.
„Сега веќе сме полноправна членка на НАТО и придонесуваме рамо до рамо со нашите сојузници во напорите за мир во светот. Меѓутоа, за членството во Европската Унија ситуацијата е поинаква. По одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ и по скринингот, во очекување сме на одржувањето на втората меѓувладина конференција која, за жал, е условена со уставните измени. И сега, повеќе од кога било, е потребно визијата за иднината на Европа да се претвори во дело, процесот на проширување да добие на динамика за преговорите за членство да станат реалност. Проширувањето на европското семејство со земјите од Западен Балкан претставува стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, сигурноста и стабилноста, особено сега, во оваа ситуација на кревок мир во регионот,“ додаде претседателот на Собранието.
Џафери порача, денешната регионална конференција, која ја организираа Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација, да биде „силниот заеднички глас на регионот за да се разбуди совеста, одговорноста и акцијата во светот за подобар и поправеден свет каде секое човечко суштество се вреднува и почитува еднакво“.