„Јас сум тој првиот кој јавно рече дека сум за францускиот предлог бидејќи тоа не ја урива Македонија. И јас ќе бидам до крај за тоа да ги направиме уставните промени час поскоро. Не бегам од тоа. Втората страна е, ако немаме шанса да дојдеме до две третини, ако под претпоставка не можеме да го направиме ова првото денес, утре, задутре… до крајот на годината, да ја мавнеме таа работа, да ја ставиме ад акта и да му дозволиме на утрешниот парламентарен победник и коалиција да се занимава со тоа прашање. Бидејќи знаете со сила убавина не бива“, рече Пендаровски за ТВ Телма.
Според претседателот на државата, во моментот има најголема поделба на македонското ткиво од деведесетите години до денес.
Зборувајќи за уставните измени, Пендаровски оцени дека земјата изгуби година и половина на уставните измени иако се знаеше дека нема две третини во Парлментот за нивно носење, време кое можеше да се посвети на внатрешни реформи. Претседателот рече дека тој е единствениот од актуелната политичка гарнитура кој една година наназад зборува дека требаше да се направи проценка по изгласувањето на францускиот предлог во Собранието дека нема шанса да се обезбеди двотретинско мнозинство.
„Меѓутоа Владата реши поинаку. Од тогаш до денес, јас сум единствениот кој реално кажува дека не гледам никакво приближување на двата блока за да се дојде до таа фамозна бројка од 80. Денеска не сме поблиску до 80 од тоа што бевме пред два месеца или пред 12 месеци“, изјави претседателот.
Пендаровски смета дека Македонија не треба да се откаже, бидејќи тешко се приближуваат ставовите, но, според негово убедување, изгубено е многу време, политички, занимавајќи се со прашањето за Бугарија и Бугарите во Уставот.
„Навистина мислам дека изгубивме време за едно прашање кое е бенигно по својата содржина и јасно е што ќе значи ако го направиме како чин и ги ставиме Бугарите во Уставот, меѓутоа наместо да направиме приоретизирање на темите, ние, речиси, година и половина се занимаваме само со Бугарија и тоа е изгубено време“, рече Пендаровски.