понеделник, 17 јуни 2024

Торта со малини и лимон

Објавено на

часот

Сподели

Состојки:

250 г несолен путер, на собна температура

1 и пол чаша бел шеќер

1/4 чаша кафеав шеќер

1 лажица кора од лимон

1 лажичка екстракт од ванила

4 големи јајца, на собна температура

2 и пол чаши брашно за колачи *

1 и пол лажичка прашок за печиво

1/2 лажичка сода бикарбона

1/2 лажичка сол

1/2 чаша полномасно млеко

1/2 чаша полномасна павлака

1/2 чаша свежо исцеден сок од лимон

300 г свежи или замрзнати малини (ако користите замрзнати, не ги одмрзнувајте)

2 лажици универзално брашно

За глазурата со крем сирење и лимон:

500 г полномасно крем сирење (маскарпоне), на собна температура

300 г несолен путер, на собна температура

300 г шеќер во прав, повеќе по желба

4 лажички свежа кора од лимон

2 лажици свеж сок од лимон

1/2 лажичка сол

4 лажици кисела павлака

За декорирање:

тегличка џем од малини

1 лимон, тенко исечен

1 чаша свежи малини

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 180 степени. Премачкајте со путер два тркалезни калапи за торта.

Матете ги со средна брзина путерот, двата вида шеќер, кората од лимон и екстрактот од ванила, додека смесата да стане светла и мека, околу 5 минути. Додајте ги јајцата, едно по едно, добро матејќи по секое додавање.

Во друг сад добро измешајте ги брашното за колачи, прашокот за печиво, сода бикарбоната и солта. Додајте ја сувата смеса кај влажните состојки и промешајте со мала брзина (сè уште нека има грутки). Исклучете го миксерот. Додајте ги млекото, павлаката и сокот од лимон и малку промешајте со гумена шпатула.

Во друг сад, попрскајте ги малините со 2 лажици универзално брашно. Додајте ги малините во тестото и промешајте со шпатулата. (Внимавајте да не претерате со мешање. Прекумерното мешање ќе резултира со сув, збиен колач).

Поделете го тестото рамномерно во подготвените калапи и печете 35 до 40 минути или додека горните страни не се зацврстат и позлатат, а чепкалката вметната во центарот не излезе чиста.

Оставете ги колачите целосно да се оладат.

Во меѓувреме направете ја глазурата.

За глазурата со крем-сирење и лимон:

Изматете ги крем сирењето и путерот со средна брзина додека не осветлат, околу 3 минути. Намалете ја брзината на минимум и постепено додавајте го шеќерот во прав. Додајте ги кората од лимон, сокот од лимон и солта и матете додека не се соединат. Зголемете ја брзината на средна и мешајте додека смесата не стане кремаста, околу 2 минути. Додајте ја киселата павлака и продолжете со матење на глазурата околу 2-3 минути. Ако ви се чини премногу ретка, додајте уште малку шеќер во прав, лажица по лажица; ако ви се чини дека е густа, додајте уште малку кисела павлака, лажица по лажица.

Кога колачите целосно ќе се изладат, долниот премачкајте го со глазурата, а врз неа со џемот од малини. Не е проблем ако малку се измешаат. Одозгора ставете го вториот колач и многу лесно притиснете го за да се спојат. Ставете ја полупремачканата торта во фрижидер 20 минути, а потоа продолжете со мачкање, додека горниот дел и страните на тортата не се рамномерно премачкани со глазурата. Ставете ја тортата во фрижидер уште 20 минути пред да ја декорирате. Украсете ја со свежи малини и тенки парчиња лимон.

* Ако немате брашно за колачи, од секоја 1 чаша брашно што се бара во рецептот отстранете 2 лажици брашно. Потоа на нивно место додајте 2 лажици пченкарно брашно. Просејте ја смесата неколку пати (за добро да се соедини) и ќе добиете брашно за колачи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ