среда, 24 јули 2024
Нови бранувања за поранешната ТВ-презентерка

Уште еден преседан – Бесмира Ејупи уште утре по наредба ќе добие дипломатски пасош

Откако министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи потпишал решение поранешната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи да стане дипломат во конзулатот во Бон, Германија, извори во министерството откриваат дека тој издал и наредба веднаш, уште утре, на Ејупи да ѝ биде изготвен дипломатски пасош, нешто за што вообичаено се потребни најмалку 15 дена.

Објавено на

часот

Сподели

„Колегите во конзуларното одделение добиле ултиматум пасошот на Бесмира Ејупи по најбрза постапка да се изготви утре, за таа да замине за Бон во вторник. Треба да се знае дека за дипломатски пасош сме чекале најмалку 15 дена“, вели дипломат за МКД.мк.

Се прави преседан кој одново ја урнисува македонската дипломатија, вели дипломатот и додава дека е некоректно и политички неупатно, министер кому му се избројани деновите кога ќе ја напушти функцијата и ќе замине во опозиција, да прави кадровски решенија кои ќе имаат одраз врз работата на идниот министер.

Како што објавивме денеска, од МНР потврдија дека Ејупи ќе биде испратена „на испомош“ во конзулатот во Бон, Германија, поради зголемен обем на работа имајќи предвид дека кон Македонија ќе тргнат иселеници на кои им се потребни патни документи. Од МНР велат дека во некои козулати времено се испразнети работни места поради годишните одмори и други отстуства и дека има потреба од испомош.

Како што се дознава, министерот потпишал уште десетина решенија за упатување на дипломати.

Случајот со Бесмира Ејупи првпат јавноста ја брануваше пред две години кога се дозна дека таа, претходно позната како презентерка на една телевизија, всушност е вработена во МНР и дека министерот Османи веќе ја назначил за конзул во Њујорк.

Дипломатите и медиумите реагираа дека се прави преседан, бидејќи таа за таква функција нема ниту стаж ниту дипломатско искуство имајќи предвид дека беше речиси тукушто дојдена во МНР со трансфер од министерството за односи меѓу заедниците кое го раководи сопартиецот на Османи, Артан Груби.

Под притисок на јавноста, Османи тогаш се откажа од таа одлука. Тогаш се дозна и дека Ејупи претходно, иако вработена во медиум, била на платен список за надоместоци кај државното Правобранителство, но и на списоците на некои општини.

Инаку, на почетокот од годинава, Османи реши сепак да испрати козул во Њујорк. Станува збор за Мухаби Синани. Веднаш реагираше Македонскиот дипломатски синдикат алармирајќи дека незаконски и пред избори за конзул во Њујорк се испраќа Мухаби Синани, тукушто вработен во Министерството за надворешни работи, на истото место каде министерот Бујар Османи сакаше да ја испрати ТВ-презентерката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ