Верувам дека веднаш на сите ќе им стане јасно дека постои директна врска меѓу производството на електрична енергија со сончеви колектори и загадувањето на воздухот.
Ако домаќинствата кои користат огревно дрво за затоплување на домовите преминат кон користење на топлинска пумпа (клима уред) за затоплување, а на покривот постават сончеви колектори придобивките се повеќекратни:
- се зголемува комодитетот: снабдување со дрва, потпалување, чистење пепел, чад во домот;
- нема опасност од пожар или децата да се изгорат;
- финансиските трошоци за греење се речиси идентични затоа што се троши еден, а се добиваат 4 киловати топлинска енергија;
- се намалува локалното загадување на околината.
За да биде појасно, прикажани се резултати (специфични вредности според EMEP/EEA) при следни претпоставки: едно домаќинство троши 5 m3 дрво за огрев, а резултатите се однесуваат за 10 илјади домаќинства:
Добар дел од овие продукти (и уште некои кои овде не се прикажани) се канцерогени.
Ако овие 10 илјади домаќинства постават, според дозволеното со закон 6 kW сончеви колектори, за што се потребни да се инвестираат приближно 50 милиони евра, на годишно ниво ќе се произведат 84.000 MWh. Од оваа количина 30% ќе искористат за сопствени потреби, а 70% ќе се вратат/продадат на мрежата. За толкава количина ќе се смали увозот на скапа електрична енергија. При разлика во цена берза/сопствено произведена: 100-50 евра т.е. разлика од 50 евра за мегават час, на годишно ниво државата ќе заштеди безмалку 3 милиони евра.
Во Полска (2023 година) просјумерите или т.н. „активни корисници“ учествуваа со 80 % од вкупно инсталираниот капацитет од над 17 GW сончеви колектори, од кои 75 % се во резиденцијалниот сектор!
Зошто во Македонија ова не се спроведува?
Првиот одговор е: инвестицијата не е економски исплатлива при сегашни услови.
Државата треба да пристапи кон посериозно субвенционирање на сончеви колектори.
Според законските и подзаконските услови, домаќинствата смеат да постават капацитет од само 6 kW на колектори на својот покрив. Со овој капацитет не може да се задоволат потребите на домаќинствата. Треба да се дозволи минимум двојно поголем капацитет.
ЕВН дистрибуција се спротивставува заради потенцијално „загушување“ на дистрибутивната мрежа од големото производство? А зошто РКЕ им доделува бакшиш 200 денари месечно по броило заради „мал број на потрошувачи и смалена потрошувачка на енергија“? Тогаш од каде би било загушувањето?
Потенцијален проблем е начинот на мерење и меѓусебната пресметка меѓу ЕВН хоум и овие
„активни потрошувачи“. Тоа уште повеќе ја смалува привлечноста за инвестирање во сончеви колектори, а особено ако некој се реши да постави и батерии за акумулирање на енергијата. Сегашната состојба, дефинирана со закон и мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН хоум, кој има обврска да ја откупува оваа енергија, има право да примени метода за мерење која може да се нарече „аритметичка“ т.е. се собира предадена/произведена енергија посебно за секоја фаза.
Ова е самоволие, велат поединци кои веќе инсталирале и колектори и батерии. Во мрежните правила стои само изразот „мерење”, а какво ќе биде тоа мерење е ексклузивно право на ЕВН. Разликата во погрешно пресметаните количини носат повеќекратни финансиски бенефити на дистрибутерот.
Со овој начин на пресметка просјумерот е во финансиска загуба (смалена добивка) од најмалу 20% во однос на вредноста на реално испорачаната енергија. Ако вгради и батерии претпоставка е (делумно потврдена) дека таа загуба може да се качи и до 40%. Оваа неправда ја констатирале определен број потрошувачи, а особено компаниите кои промовираат и испорачуваат вакви системи. Нивните клиенти им се жалат дека предвидената пресметка не се совпаѓа со реалноста, без разлика на временските услови (сонце, облаци, дожд). Врз основа на нивните истражувања во регионот, дојдено е до решение со кое треба да се изврши промената на начинот на пресметката на потрошувачката/испораката на енергија т.е. да се премине на т.н. „векторска“ пресметка. Кај нив, аритметичката пресметка се применува за сите домаќинства, освен за просјумерите/активните потрошувачи, за кои се применува векторскиот начин. Оваа состојба не се однесува само на домаќинствата, туку е идентично и кај сите мали и средни компании, кои поставиле или размислуваат да постават до 40 kW колекторски системи.
За разјаснување на оваа проблематика очекувам придонес од електроинженерите кои се насочени во потсекторот на мерења, експертите од Електротехничкиот факултет, како и вработените во РКЕ. А потоа да најде место во соодветните мрежни правила и подзаконска регулатива.
Која е целта?
- Да се зголеми бројот на инвеститори во сончеви колектори за сопствени потреби.
- Да се смали локалното загадување во урбаните живеалишта.
- Да се смали бројот на заболување на патиштата за дишење, особено кај децата.
- Да се подобри домашниот буџет на домаќинствата заради помали сметки за електрична енергија.
- Да се смали увозот на скапа електрична енергија.
Дали ова може да се оствари во Македонија. Да! Може и треба!
Проф. Д-р Константин Димитров