недела, 17 ноември 2024
Реакција по критиките од амбасадорот Коп

Владата ја цени холандската поддршка, работи со нивен експерт на реформите, парите не ги спомнува

Високо ја цениме поддршката од холандската Влада и работиме со холандски експерт на реформите, велат од Владата на прашање од МКД.мк како ги коментираат острите критики кои амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп ги изнесе во четвртокот на сметка на власта, иниституциите, судството, нагласуваќи дека во Македонија се бараат изговори за забавениот евроинтеграциски пат, вината се насочува кон ЕУ, со оценка дека нема политичка волја за реформи и со директно прашање – каде се парите на холандските даночни обврзници дадени токму за македонскиот пат за членство во Унијата. Македонија е подготвена со интензиво темпо да работи на реформите кои претстојат, согласно и најавениот план за раст на претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, велат во поширокото образложение за МКД. мк од Владата, без конкретен одговор на некои од директните констатации и прашања кои ги изрече амбасадорот Коп. За прашањето каде се парите, нема ниту индиректен одговор.  

Објавено на

часот

Сподели

Во одговорот добиен преку владиниот портпарол на почетокот се нагласува дека Владата високо ја цени поддршката на холандската влада во процесот на евроинтеграции, во многу клучни полиња од развојот на државата, а особено заложбите на Холандија во градењето на независни институции кои се столб на секоја европска демократија.

Владата признава дека станува збор за децениски застој и системско уназадување на демократските процеси, нагласува дека тоа ја довело земјата до статус на заробена држава, но потоа додава дека „во изминативе шест години Северна Македонија успеа да ја возобнови демократијата во државата и денес да биде препознаена како демократски систем во кој секојдневно и активно се работи на подобрување на сите сфери на работење и функционирање, вклучително и зајакнување на функционалното владеење на правото“.

„На тој пат, Владата ја имаше и натаму ќе продолжи да смета на поддршката на партнерските земји, како Холандија“, порачува власта. 

Амбасадорот Коп во својата изјава опфати временски период од 15 години, но притоа говореше и во сегашно време, а од својата критика не ги издвои шесте години кои Владата ги споменува како успешен период.

Коп всушност директно, без дипломатските ракавици, искажа така остри критики, кои експертот за прашањата кои се однесуваат на Европската Унија и евроинтеграциските процеси, Малинка Ристевска Јорданова, во разговор за МКД.мк, ги нарече  „шлаканица и тоа груба“. За илустрација, „шлаканицата“ најдиректно е содржана во следните зборови на Коп:

„Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?“, рече холандскиот амбасадор.

МКД.мк ја праша Владата: „Каков е ставот на Владата по однос на вака остро интонираните и адресирани оценки на амбасадорот и дали можеби сепак, одговорност има и кај ЕУ или членки на ЕУ за забавениот интеграциски пат на државава?

д

Во одговорот Владата смета дека и тоа како има политичка волја за спроведување на реформите и развојот на економијата и е убедена дека Македонија успешно ќе го изоди патот кон членство во ЕУ, и дека економијата и по членството, кое го смета за достижно во 2030 година, и понатаму ќе се развива.

Во продолжение одговорот на Владата:

„Посочуваме дека скрининг процесот кој успешно се спроведува ќе обезбеди јасен пресек на подготвеноста на државата за влез во ЕУ и со оглед на интензивната комуникација на Владата со меѓународниот фактор, и пораките кои доаѓаат од лидерите на земјите членки од ЕУ, можеме да посочиме дека целта за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ е амбициозна но остварлива цел. 

Северна Македонија веќе неколку месеци интензивно работи на процесот на изработка на трите патокази кои се важни за отварање на следната фаза на преговорите. Токму во работната група на Патоказот за владеење на правото, на покана на нашата Влада, учествува искусен холандски експерт кој дава вреден придонес за утврдување на суштинските мерки за реформи во оваа клучна област, што ја покажува нашата решеност и политичка волја, но и посветеноста на холандската Влада кон заедничката цел, Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ што побрзо. 

Исто така, како што налагаа геополитчките и внатре-реформските случувања и во 2007 година кога Европската Унија презема итни чекори за проширување и внатрешна реформа за прифаќање на новите членки, очекувано е и во наредните години Унијата да работи интензивно на внатрешните реформи кои ќе овозможат што поскоро прилагодување за прием на нови членки. Овие реформи веќе беа најавени и од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а во контекст на што поскоро проширување на ЕУ заради обезбедување на единство, безбедност и стабилност на европскиот континент.

д

Воедно, по примерот на некои земји членки на ЕУ, свесни сме дека реформскиот процес трае и по датумот за влез во ЕУ, за што сме целосно подготвени интензивно да работиме, исто како и изминативе шест години, и да станеме најбрзорастечка економија и европски ориентирано општество, во најбрз можен рок по членството.

Северна Македонија е подготвена со интензиво темпо да работи на реформите кои претстојат, согласно и најавениот План за раст на претседателката на ЕК Фон дер Лејен. 

Треба да се има предвид дека законодавната, извршната и судската власт во државата се независни во своето делување, и дека во контекстот на евроинтеграциите секоја власт поединечно, во рамките на своите надлежности, треба да вложува во подобрување на својата работа, а во интерес на граѓаните“.

                                                                                                                                П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ