четврток, 4 јули 2024

УХМР предупредува на внимателно однесување на граѓаните по најавите за невреме

По најавите за врнежи на целата територија од државата, а со оглед на тоа што почвите и теренот се релативно влажни од УХМР предупредуваат дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Од Секторот за хидрологија при Управата за хидометеоролошки работи на внимателност повикуваат во скопскиот, кумановскиот, паланечкиот, кратовскиот, пробиштипскиот, каменичкиот и кочанскиот регион, во светиниколскиот, штипскиот, струмичкиот и велешкиот регион, како и во реоните на Групчин, Соње, Сопиште.

„Секако, можни се и отстапувања од најавените региони и реони. Соодветно најавата на синоптичарите дека во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи и дека локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град, во секторот хидрологија ги анализиравме резултатите од достапните модели и дојдовме до заклучок дека доколку процесите бидат интензивни и доколку на одредени места локално за кратко време навранат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано истекување на вода по падините, малите реки и суводолиците, а на одредени локации можно е да се јават локални проблеми“, се вели во соопштението од УХМР.

Претходно од УХМР најавија дека во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со локален пороен дожд и грмежи. Утре долж Повардарието ќе дува засилен северен ветер, а од петок времето ќе биде стабилно и топло.

Попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, над 70 километри на час и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ