недела, 14 јули 2024

ДЗР: Одржувањето на патиштата и безбедноста на патниците е во опасност

Јавното претпријатие (ЈП) за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта 12 години континуирано работи со блокирана сметка што влијае врз квалитетот на обезбедувањето на услугите, е генералниот заклучок до кој дошле ревизорите во Извштајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) објавен денеска, а се однесува на финансиските извештаи за 2022 година. Ревизорите констатирале долг 663 милиони денари, неосигурани возила, неправилно и опасно складирање на нафатата за возилата, неквалитетен сол за заштита на патиштата, самоволно зголемување на платите без согласност од Владата и десетици други неправилност во работата на ова јавно претпријатие.

Објавено на

часот

Сподели

Според резултатите од извештајот на ДЗР причина за блокиранта сметка на претпријатието (ЈП) за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта е поради долговите на ова претпријатие, односно извршните решенија за наплата на неподмирени обврски.

Согласно податоците до кои дошле ревизорите долгот на ова јавно претпријатие изнесува 663 милиони денари.

„Вршењето на дејноста на претпријатието се реализира во рамки на месечните лимити, односно минимумот на парични средства над кои не може да се спроведе извршување, определени со Решенија на Основен суд Скопје 2, Скопје. Во последното донесено решение од 14 јуни 2021 година кое сѐ уште е во важност, месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 231 милиони денари, додека вредноста на потребни средства утврдена со Програма за одржување и заштита на државни патишта за 2022 година изнесува 1.850 милиони денари.

Ревизорите уште констатирале дека Јавното претпријатие  низ годините има тренд на зголемување на долговите како резултат на повеќе работа во делот на одржување и заштита на државни патишта, изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.

„Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари. Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат  околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари“, пишува во извештајот на ДЗР.

Ваквиот начин на функционирање на ова претпријатие, забележуваат ревизорите, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки.

Во поглед на финансиските извештаи, Државниот завод за ревизија (ДЗР) нашол дека Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта погрешно ги прикажало долговите што ги има.

„Со извршената ревизија утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31 декември 2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција (околу 467 милиони денари). На ревизијата не и е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година“, велат од ДЗР.

ЈП не ги осигурувало возилата и непрописно и опасно ја чувале нафата 

Она на што предупредуваат ревизорите е тоа што утврдиле дека одговорниот во претпријатието не ги осигурал ниту градежни објекти ниту средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

„Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет дена по приемот и само 150 изминати километри, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на 27 декември 2023 година“, се наведува во извештајот.

Во него уште пишува дека полнењето на возила со гориво се вршело со пумпи, чии мерила подолг временски период не биле баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во таканаречени надземни пластични и метални контејнери.

„При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати.

Од извршениот теренски увид во Секциите Струга и Охрид ревизијата утврди дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што истата поради подложност на надворешни влијанија губи од своите физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење. Условите во кои се чуваат горивото и солта за зимско одржување не се во согласност со Процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба. Дополнително, овие состојби не се во согласност со обврската на ЈП вршењето на својата дејност да го организира на начин со кој се обезбедува заштита и унапредување на добрата од општ интерес“, констатирале ревизорите.

Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови ДЗР утврдил дека во ова ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 отсто се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата се уништувала како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не била уредена со интерен акт, „што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба“.

Судските трошоци и платите причина за лошата финансиска состојба

Со ревизијата уште е утврдено дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на ЈП и истите за период од 2018 година до 2023 година.

„Од спроведената анализа, произлегува дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци биле најголеми во 2018 година и истите изнесувале вкупно 17.791 илјади денари. Овие трошоци до 2021 година имаа тренд на намалување и таа година изнесуваат вкупно 8.317 илјади денари. Од 2022 година трошоците по основ на надомест на штети и судски трошоци повторно бележат пораст и во 2023 година нивниот вкупен износ е 16.149 илјади денари, односно поединечно достигнале повисоко ниво отколку во 2018 година“, посочуваат ревизорите.

Исто така, велат од ДЗР, органите на раководење и управување не презеле активности за проценување на средствата со кои располага ова јавно претпријатие од страна на овластени проценители за да се утврди објективната вредност на основната главнина. Истата не е евидентирана како основачки влог во единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица при Централниот регистар и не се забележани подружниците во регистарската влошка во којашто е запишано трговското друштво.

Анализирајќи ги трошоците за бруто плати на вработените во ова ЈП за 2022 година, ревизорите констатирале дека тие изнесуваат околу 390 милиони денари, што е зголемување од приближно 34 милиони денари во споредба со 2021 година, кога изнесувале околу 356 милиони денари. Ова зголемување се случило и покрај намалувањето на бројот на вработени од 840 на 796.

„Причината за зголемените трошоци е измената на Правилникот за плати и наградување, со која се зголемил бројот на бодови за пресметување на платите. Оваа измена е усвоена од страна на Управниот одбор и почнала да се применува од јуни 2022 година, но јавното претпријатие не добило согласност од основачот, односно Владата за оваа одлука, што не е во согласност со законските прописи“, велат од ДЗР.

Претпријатието работело без соодветни еколошки дозволи   

Ревизијата констатира дека во 2022 година, па сѐ до денот на ревизијата асфалтната база во Штип не работела, а производството на асфалт за оваа база го вршела асфалтната база во Лепенец.

„Причината за оваа состојба е резултат на извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина, по што е издадено Решение за забрана за работата и укинување на А – интегрирана еколошка дозвола, а поради прекршување на законот за заштита на амбиенталниот воздух. Од извршениот теренски увид и разговори со надлежните лица ревизијата доби информација дека се започнати активности за обезбедување на услови за добивање на интегрирана еколошка дозвола. Надминувањето на оваа состојба е значајно не само за заштита на животната средина, туку и за обезбедување на континуитетот во работата на асфалтна база во Штип, како и намалување на транспортните трошоци на претпријатието“, пишува во извештајот на ДЗР.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаеле ревизорите да искажат резервирано мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

„За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“ велат од Државниот завод за ревизија.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ