недела, 14 јули 2024

ОМО Илинден-Пирин до Радев: Да, бугарската држава ги тепа своите граѓани со македонска самосвест

Цинизам е претседател на држава во која редовно се кршат човековите права и има толку многу критики од меѓународните институции за правата на човекот и толку многу пресуди од Судот за човекови права во Стразбур да ги изговори овие зборови, се вели во реакцијата на партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден – Пирин на изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев за тоа дека „треба да се има основни познавања за човековите права, бидејќи ние во Бугарија не тепаме луѓе што изразуваат различни идентитети, не пукаме во нивните клубови и не ги палиме, не ги држиме подалеку од сите позиции во администрацијата“.

Објавено на

часот

Сподели

„Да, Бугарија ги тепаше своите граѓани со македонска самосвест во годините на демократијата и да – имаше напади врз македонски собори и врз македонски клубови.

Разликата е што за тоа во Бугарија апсолутно никој не е суден, ниту осуден, ниту казнет. Никој не е дури ни вербално укорен, во медиумите или од политичари. Не го слушнавме Радев да го осуди нападот врз македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград, на пример, а ниту кој било бугарски политичар го стори тоа. Македонските политичари ги осудија нападите во Македонија и судот постапи по случаите. Тоа за Бугарија е несонив стандард.

Може ли Радев да посочи еден бугарски државјанин со македонски идентитет кој држи позиција во администрацијата сега или да држел таква во Бугарија во последните 60 години? Не може. Таков нема и не може да има.

Ние лесно се сеќаваме на луѓе со бугарска самосвест кои држеле исклучително високи позиции во Македонија – Димитар Димитров, Младен Србиновски, Ѓорѓи Трендафилов и други.

Радев се повикува на 150 илјади граѓани од Македонија кои добиле бугарско државјанство на основа на бугарско потекло. Колку од нив имале високи позиции во Македонија? Еден премиер како Љубчо Георгиевски веднаш доаѓа на ум…

Да се претставува тепан од своите другари по криминал како тепан поради својот бугарски идентитет, само покажува дека Радев нема аргументи и бескрајно далеку се наоѓа од реалноста.

Ние можеме да му цитираме десетици Извештаи и ставови од:

Парламентарната асамблеја на Советот на Европа;

Комитетот на министрите при Советот на Европа;

Комесарот за човекови права;

Комисијата за борба против расизмот и дискриминацијата;

Советодавниот комитет кон Рамковната конвенција за националните малцинства;

Годишните извештаи на Стејт департмeнтот на САД;

Хелсинки воч;

Амнести интернешнл;

Бугарски хелзиншки комитет;

14 пресуди од Судот за човекови права од Стразбур и други.

Во сите овие извештаи, препораки и пресуди на различни начини се констатираат нарушувањата на правата на Македонците во Бугарија.

Радев никогаш нема земено позиција по ниту еден од нив. А, ниту бугарскиот омбдусман, Комитетот против дискриминацијата, бугарските судови. НИКОЈ!!!

Уставниот суд и Бугарскиот парламент имаат прифатено позиција дека македонско малцинство во Бугарија нема.

Колку такви извештаи и пресуди тој може да цитира за наводното кршење на правата на Бугарите во Македонија?

Навистина се работи за двојни стандарди.

Но гредата е во окото на Радев и неговата држава“, се вели во реакцијата на партијата и здруженијата на Македонците во Бугарија – ОМО „Илинден“-Пирин, ОМО „Илинден“, Правозаштитен комитет „Толеранција“, Друштво на репресираните Македонци во Бугарија, Друштво за заштита на основни човекови права, Граѓанска иницијатива за признавање на македонско национално малцинство во Бугарија и Македонски дискусионен клуб за етничка толеранција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ