недела, 19 мај 2024

Туфегџиќ: Јовески му забрани на виш обвинител да контактира со мене во врска со таткото на Вања

Една недела пред објавувањето на двојното убиство на велешкиот фризер Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, татко на убиеното девојче, заедно со уште шест други луѓе собирал докази за да откријат што се случило со неговата ќерка Вања, говорат информациите на МКД.мк, кои ги потврди адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ. Тој тврди дека и информациите дека Ѓорчевски не познава ниту еден од осомничените за убиството на неговата ќерка се точни. Туфегџиќ уште прашува зошто поранешниот државен обвинител, Љубомир Јовески, му забранил на виш јавен обвинител да контактира со него како бранител на Ѓорчевски кога било пријавено дека таткото на Вања е жртва на тортура во Истражниот затвор во Шутка, каде што е во притвор.

Објавено на

часот

Сподели

Александар Ѓорчевски не само што е невин, туку тој е оној што до пред објавувањето на трагедијата 24 часа собирал докази за да може да дознае што се случило со неговата ќерка Вања, вели неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, откако и Врховниот суд му ја одби жалбата да му биде укинат притворот, со што Ѓорчевски и натаму останува во Истражниот затвор во Шутка.

Клучните сведоци се испрашани, ако има други, Обвинителството да ги каже

За Туфегџиќ неприфатлив е аргументот на Обвинителството дека ако таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, излезе од притвор, тој ќе може да влијае на сведоците, кои можат да го сменат првичниот исказ даден во обвинителството.

„Шесте клучни сведоци веќе се испрашани и тоа се сведоците што јас како бранител ги обезбедив. Тоа се луѓето што од тој критичен ден 27 ноември, па сѐ до обзнанувањето на трагедијата биле во постојан, речиси 24-часовен контакт со осомничениот Александар. Дел од нив дури ги презеле истите активности што ги презел и осомничениот за да се обезбедат снимки од видеонадзор. Сите тие биле тргнати во потрага по докази. Колку што знам, и мајката на несреќното девојче дала исказ во Обвинителството уште во јануари. Ако има други, тогаш обвинителството треба да каже кои се тие други сведоци затоа што во одлуката на Апелацискиот суд е наведено дека се испрашани шест сведоци“, вели Туфегџиќ.

Ваквото негово тврдење се совпаѓа со снимката објавена од страна на српскиот контроверзен политичар Срѓан Ного, на која се слуша како Ѓорчевски го објаснува движењето на двата автомобили со кои била грабната, а потоа убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска.

„Еве тука проаѓа со истите две коли, со истите што го фаќаме карши Лукоил, значи таа е колата, сега треба… еве, еве ги поминаа, еве го последен е застанат од страна, се враќа во рикверц, тој подзастануваше претходно на Лукоил, и сега се престројува во… може и право да оди, овде се престројува позади, ова берлинго ли е, што е, не знам, и продолжува, ова е од кај Папилон, од карши… карши Буњаковец“, говори Александар Ѓорчевски на објавената снимка.

Ѓорчевски не го познава Палчо, како што тврди Обвинителството

За Туфгџиќ нема дилема дека Ѓорчевски, татко на убиената Вања, е невин. Според него, Обвинителството нема докази за тој веќе четири месеци да ја издржува мерката притвор. Според Обвинителството, една од причините зошто Ѓорчевски е во притвор е затоа што бил во контакт со избеганиот Љупчо Палевски-Палчо. Но Туфегџиќ е дециден дека контакти со другите осомничени не постоеле.

„Александар не знае никого од осомничените, ќе го прашате јавниот обвинител од каде му се информациите дека тој некого познавал и од каде му е нему сомневањето дека тој подолг временски период бил во контакт со одредено лице. Тоа е прашање за јавниот обвинител. Јас такви сознанија немам, ниту јавниот обвинител ме удостоил, што е негова законска обврска, да ме повика и да ми го предочи тоа, ако е така“, вели Туфегџиќ.

Обвинителството, пак, останува на ставот дека сѐ уште постојат причини Александар Ѓорчевски да остане во притвор.

„Во тек е вештачење на телефонските разговори од кои како докази се извлекува неоспорно сомневање дека го сторил кривичното дело. Сè уште постои причина за притвор, бидејќи станува збор за тешко кривично дело, од кое е произлезена тешка последица и одземен млад живот. Осомничениот може да се даде во бегство“, изјави обвинителката Наталија Тасевска на јавната седница пред Врховниот суд.

А Туфегџиќ како точни ги потврди и информациите на МКД.мк дека во Истражниот затвор во Шутка доаѓале луѓе што се претставувале како полицајци и го испрашувале Ѓорчевски барајќи од него да признае дека учествувал во грабнувањето на својата ќерка.

„Го известив Јавното обвинителство, со кое подолго време не сум во контакт. По моето барање постапил виш јавен обвинител и првпат во мојата кариера добив известување дека во однос на надлежноста за постапување по овој случај, дека вишиот јавен обвинител со известие од тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески има стриктна забрана да пројави интерес и да бара податоци за овој предмет. Затоа и не ме чуди што јавниот обвинител што го води овој предмет сѐ уште не ме повикал за да ми ги предочи доказите, што по закон е должен да го направи“, категоричен е Туфегџиќ.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела грабнување и убиство на свиреп начин првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, наводно споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство, осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ