По средбата досега секогаш имаше или соопштенија за јавноста или изјави на претседателите на комисијата или информации од министерствата за надворешни работи на двете земји. Но, овојпат тоа изостана.
Во Бугарија ова се толкува како резултат на изборот на новата бугарска влада на 6 јуни и новите препораки од бугарското Министерство за надворешни работи за воздржаност од коментари и соопштенија поврзани со работата на комисијата за историски и образовни прашања. Се претпоставува дека оваа препорака била испратена и до македонснкото Министерство за надворешни работи, кое очиглено ја прифатило.
Уште од самиот почеток работата на оваа мешана експертска комисија за историски и образовни прашања беше проследена со бројни контроверзи и незадоволства од сработеното од обете страни. Дел од заедничките препораки на оваа комисија само уште повеќе ги вжешти ионака лошите македонско-бугарски односи. Во дел од францускиот предлог за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ се внесени и резултатите од работата на оваа комисија. Ова значи дека без одлуките на комисијата нема да може да се постигне напредок во преговорите.
Неодамна од Министерството за надворешни работи на Македонија информираа дека е формиран секретаријат за македонскиот тим во мешаната историска комисија составен од асистенти, историчари и администратори за поефикасно работење.
Партијата Единствена Македонија соопшти дека со неверување ја примиле информацијата дека пред три дена во Софија се одржала „тајна средба на мешовитата македонско-бугарска комисија која спроведува антимакедонска агенда за откажувањето од грижата за Македонците во Пиринска Македонија и подарувањето на македонски историски настани и личности на Бугарија. За најновата средба во Софија од страна на власта – тишина“, се вели во соопштението на Единствена Македонија.
„Затоа го прашуваме Димитар Ковачевски што е разговарано на тајната средба во Софија на мешовитата македонско-бугарска комисија. Јавноста заслужува одговор бидејќи станува збор за комисија која не работи било што, туку спроведува антимакедонска агенда, агенда против Македонците во Пиринска Македонија. Ги предупредуваме македонските претставници во комисијата дека тајни антимакедонски средби на кои се договара бришење на Македонците е национално предавство кое е казниво според македонските закони“, велат од партијата.
Досега оваа комисија ги усогласи препораките за заедничко одбележување на Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и цар Самоил, како и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија што се однесуваат на периодот на антиката. Се усогласуваат отворените прашања за Охридската архиепископија, за Гоце Делчев, за Илинденското востание...